ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СЛАВЕ КАТИН – ЖИВОТ И ДЕЛА“
Во 1998 година, во коавторство со Фиданка Танаскова ја објавивме Монографијата за „Македонскиот клуб „Илинден 1903″ од Хамбург“, (1997), на 86 страници, на македонски, по повод дваесетгодишнината од неговото формирање, во издание на „Македонска искра” од Скопје. По тој повод, претседателот на Клубот Никола Грујовски, во воведот истакнува:
„Германија како наша втора татковина ни овозможи нам на Македонците дел од својот живот, по силата на економските околности да го минеме во рамките на една стара европска цивилизација. Просторно најблиска на нашата Татковина, овозможувајќи ни да ги остваруваме своите потреби и интереси на начин кој обезбедува зачувување и развивање на нашиот национален и културен идентитет. Оттука и нашата благодарност кон оваа држава, која меѓу првите ја призна Република Македонија како самостојна и независна држава и со неа воспостави дипломатски односи на ниво на амбасади”.
Говорејќи за Клубот, Љубица Хаџи Георгиева, како негова истакната активистка, во поговорот за монографијата истакнува:
„Дваесетгодишниот јубилеј – гледан од аспект на историјата е многу кус и незначаен период. Меѓутоа, погледнат од аспект на идејата, мисијата и улогата на луѓето кои се собираат и му даваат живот на тој Клуб, јубилејот е многу важен и многу значаен за сите нас.
Во почетокот, истакнува таа, нашите луѓе се наоѓале на маргините на општествените настани во новата средина, одвај забележани. Но, со време, секој од нив со својот придонес, позитивен или негативен – со своето дејствување, или, едноставно, живеејќи во тие краишта, стана значаен фактор“.

Домаќините беа почестени и со присуството на гости и пријатели, претставници на клубови, црковни општини и асоцијации со кои Клубот активно соработувал досега, особено оние во Дизелдорф, Келн, Бремен, Хановер, Берлин, Вилхемскафен, како и во Шведска, Данска и во Република Македонија.
Промоција:
По обраќањето на претседателот на Клубот, беше промовирана монографијата Македонскиот клуб – “Илинден 1903”, што за оваа пригода ја подготвивме публикацијата која ги опсервира активностите на Македонците во Хамбург за овие дваесет години. Притоа, на присутнуте птигодно се обрати и авторот на овие редови, Славе Николовски-Катин, кој специјално допатува во Хамбург за промоцијата на делото во мај 1998 година
Промоцијата на публикацијата „Македонскиот клуб „Илинден 1903″ од Хамбург“ беше одбележана во „Нова Македонија” во мај 1998 година: Во текстот се истакнува дека Славе Николовски-Катин и Фиданка Танаскова прават многу успешен спој на своевидниот временски мост, нагласувајќи ја големата мисија на Клубот „Илинден 1903″ и црковната општина во мултикултурната средина во Хамбург
.
Одбележувањето на овој значаен јубилеј е повод да се потсетиме дека се’ што од Св. Климента до денес е создадено има своја генеза и свој нераскинлив континуитет. Таа вековна вертикала на Македонците, како еден од најстарите и културно најеманципирани народи на Европа, се прекршува на два битни пункта: националниот и културниот, кои се проникнуваат во сите фази на борбата на Македонците за својот историски опстанок како народ.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН





