ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ПРИДОНЕСОТ НА МАКЕДОНИЈА ВО
СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ-КАТИН
Процесот на создавање на колективна свест за единствена држава кај Македонците, чии племиња биле сродни и имале ист јазик, се појавил многу рано, уште во XI век п.н.е. До ова дошло поради непосредната опасност од нови непријатели од северозападните Илири, од југ од Дорците, а од исток од Тракијците. Инициатори на македонското обединување биле кнежевствата на Горна Македонија, пред сè Орестида (Костурско), како најзагрозена.
Престолнината на Орест се наоѓала во Аргос (Рупиште), т.е. во рамница и незаштитена. Затоа тие отишле во централниот дел на својата татковина, во Долна Македонија, во Пиерија и во подножјето на Олимп, каде виделе „бели кози со сребрени рогови“, го изградиле градот Аигаи (Ега) и добро го утврдиле. Наодите на француските и грчките истражувачи утврдиле постоење на населба и утврден акропол од XI век п.н.е.
Легендата, пак, настаните ги сместува околу 700 п.н.е. со династијата на Аргеадите, која продолжила да ги обединува останатите македонски племиња и да создава етничка колективна свест како кохезивен фактор за предностите на единствената држава што е најдобро постигнато во време на Филип II.
Големо сведоштво за постоење на самосвеста кај Македонците е и востановувањето на Аристотеловата кралска школа-Академија во Миеза, за време на Филип II, подигната и организирана заради школување на македонската младина од највисок ранг. Славниот учител и филозоф Аристотел, и сам Македонец, како идеен татко на оваа школа, на младиот Александар и на неговата генерација им ја всадил не само националаната свест, туку и свеста за поинакво сфаќање на животот и општеството, единство на живото и неживото, полисите и вселената, работата и знаењето, идејата за патувања и нови истражувања. Во Македонската Аристотелова школа се создадени основните „хенологистички“ принципи на поимот едно, кој станал еден од најстарите поими на западноевропската филозофија (Жуњиќ, 1988, 432).
Благодарејќи на овие околности, школата во Миеза дала најспособни и најдобри дипломати, политичари, економисти и војсководци, кои го освоиле тогаш познатиот свет и создале Македонско царство не само во Европа, туку и во Азија, Африка и Индија, во почетокот со национален, а подоцна со космополитски ентитет.
Македонската академија не била само образовна институција, туку и духовен центар на државата и голема лабораторија за обликување на општиот палеобалкански во современ македонски јазик, познат во литературата како „Александров коине“ јазик. Ова бил мајчин јазик на разни македонски племиња со разни дијалекти, прво усмен, а потоа и писмен. Со македонските освојувања тој се ширел во Елада, Мала Азија и во целата Империја, до Индија и Египет. Македонскиот јазик во антиката, може да се спореди со сегашниот англиски јазик, кој е мајчин јазик во Англија, Америка, Австралија и Канада, а како странски или втор јазик во Индија итн. (Mpampiniotis, 1986, 107).
Најдобри извори за проучување на македонскиот јазик се делата на Аристотел, Стариот и Новиот завет, разни египетски папируси од династијата Птолемаиди, делата на историчарот Полибиј (II век п.н.е.), текстовите на Диодор Сиц. (IV век п.н.е.), текстовите на филозофот Епиктет (I/II век п.н.е.) и други.
Што се однесува до Миеза, археолошките истражувања сознале дека таа се наоѓала во близина на развиените македонски центри во Ботиаја, во подножјето на планината Бермион (Каракамен), во близина на денешното село Лефкада (Голишани), на 6км северо-источно од градот Негуш. Покрај остатоци од антички комплекс на згради, откриени се гробници вкопани во карпите, од V и VI век п.н.е. Потоа, пронајдена е „Голема гробница на судиите“, веројатно на Радамант, со вредни фрески, Палметеовата гробница со извонредни декорации и друго.
Миеза била позната и со своите пештери богати со сталагмити. Тука бил и Нумфеион со камени седишта, како остатоци од Аристотеловата школа и „Призрачното шеталиште во лад“ (Плутарх, III, Алек. 7). Од Миеза потекнува Певкест, син на Александар, еден од важните тријарси на Александар за време на неговиот поход на Индија. Во чест на овој македонски генерал од Миеза, една покраина на источниот брег на Инд го добила називот Певкела, сега Пакхели, а околината Пукхли.
За националната свест на истакнатите Македонци, дека не се Елини, постојат многу примери. Така Аристотел, по брзата смрт на Александар Македонски (Велики), 323 п.н.е., заради антимакедонскиот националистички бран во Атина, бил принуден да ја напушти, за да не ја доживее Сократовата судбина. Или случајот на славниот архитект Динократ, кој во Египет му се претставил на Александар дека е Македонец.
Состојбата со националната свест се согледува и во однесувањето на македонските кралеви кон својата армија и раководниот кадар во неа. Школувањето на офицерите е вршено во Македонија и на сопствените традиции. Ударната сила на експедицискиот корпус во војната против Персија била составена исклучиво од Македонци, а еднинствено интендантските служби биле доделувани на сојузниците. Елините биле на спротивната страна.
Сите командири во армијата, до најниските структури, биле македонски. Команданти на новоосвоените градови исто така биле Македонци, како и чуварите на паричните трезори. Понатаму, дополнивањето на војската во целиот тек на експедицијата е вршена исклучиво од македонски регрути, освен Персија, каде се користени и домородци. Колонизацијата на освоените области, воглавно била вршена со Македонци, подоцна и со Елини, Јонци и други.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН