Македонската гранична полиција не дозволи влез во земјата на бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, кој е и потпретседател на ЕНП, како и на Милен Врабески и уште тројца Бугари.
МВР соопштува дека на граничниот премин Ново Село поради неисполнување на условите за влез во Република Македонија, согласно Законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија, меѓу кои се и двете лица за кои прашувате. Македонската полиција нема да дозволи, ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата, информираат од МВР.
„За жал, не ни дозволија да одиме на традиционалната прослава на Ѓурѓовден во струмичко Ново Село. Повеќе од 10 години на Ѓурѓовден одам во Ново Село, Македонија на нашите бугарски воени гробишта. И јас годинава отидов таму и на мое големо чудење и ужас не не пуштија да влеземе со објаснување дека е нивна одлука, но никој не ни објасни со какви мотиви“, изјавил Ковачев за агенцијата БГНЕС.