Пред сите онлајн портали и страници, пред сите телевизиски канали за мода и готвење, во Македонија постоеше весник основан од жени, кој го раководеле, го уредувале и во него главно пишувале жени – весникот „Македонка“. Функционирал скоро 10 години, а годинава се навршуваат 80 години од појавувањето на првиот број, објави ТВ Тера.

Насловите и приказните во весникот „Македонка“ биле за учителки, докторки, земјоделки, работнички, весникот содржел приказни за сите нив, нивните навики, размисли, култура и нивната борба за надминување на старото со новото време по Втората светска војна.

– Станува збор за списание кое ги менувало своите форми во текот на својот развој, така што освен политички содржини со кои ги повикувале жените да земат масовно учество во народната борба и во поовоениот период, ги повикувале и на тоа да се вработуваат во фабриките, било тоа и процес на индустријализација на државата. А исто така имало и совети за домаќинките, за селанките и особено се важни тие совети за санитарните политики, за хигиената и за начинот на кој бил односот во новото современо, социјалистичко семејство коешто државата тогаш сакала да го изгради, вели Ивана Хаџиевска, историчар од битолското одделение на Државниот архив, авторка од проектот „Архиви на невидливите – база за дигитализација и истражување на извори од областа на историјата на жените во македонското минато што го спроведе ЦИНИК – центар за истражување на национализмот и културата“.

Таа додава дека реализацијата на идејата за женски весник не била едноставна. Кон крајот на 1944 година во Македонија сѐ уште имало војна, графичарите не располагале со многу букви па страниците се печателе една по една со истите букви, а тиражот бил 1.000 примероци. Списанието започало да се печати во илегалната партизанска печатница „Гоце Делчев“ во селото Горно Врановци, но заради воените услови, печатницата на партизански камион ја пренесле првин во Прилеп, па потоа во Битола, кадешто всушност се издава првиот број на списанието „Македонка“.