Нема поместување на ужасната ситуација во која што се наоѓа македонската фудбалска репрезентација. Или можеби има? Но кон полошо. Ако може да биде полошо од ова. А очигледно може…..
Македонија по трет пат во оваа тековна Лига на Нации, Б дивизија загуби, овојпат од Шкотска и тоа во серија, и тоа повторно без постигнат гол со конечни 0:2.
Вечерва на Арената Тодор Проески во Скопје, нова лекција по фудбал за нас. „Професорски“ перформанс на Шкотска, кој што го истури сиот свој гнев од претходните два нејзини дуели по ремито со Словенија и поразот од Швајцарија. Нам ни даде два гола, ни создаде десетина зицери, го направи Столе Димитриевски повторно „тажен херој“ и си замина од Скопје со трите бода.
Оние кои што за нас вечерва беа светлосни години далеку како и голот на Ган. Оној на кој што речиси и не се заканивме, а пак да го погодиме? Тоа во моментов е за нас мисловна именка.
Негатива уште на стартот
Нема како да се оправда она што Македонија НЕ го одигра вечерва на Арената. Тотална доминација на противникот уште од самиот старт. Удар на Робертсон, Димитриевски брани, а потоа во седмата минута водство на гостите. Боуви прими една топка, се заврте во правец на нашиот гол и распали за 0:1.
Следуваа серија на атаци од страна на Шкотска. Повторно Робертстон, Ганон Доак, Мек Бурни, нема кој не се закани, обиде, но Димитриевски и непрецизноста не спасија барем во тие моменти.





