Македонската кошаркарска репрезентација забележа побеа на домашен терен над Луксембург со резултат 79-70, трет триумф во низа за нашите кошаркари кои се зацврстија уште повеќе на чело на табелата во својата група. Очекувано, Македонија покажа квалитет за да се одлепи резултатски по една четвртина, а потоа искуство за рутински да ја одржат позитивата за нови бодови со кои нашата кошарка ќе се врати чекор поблиску до друштвото каде што припаѓа. Новиот селектор Берокал имаше победничко деби, со надеж за уште подобри изданија под водство на шпанскиот стратег во периодот што следи.
Македонија уште од почетокот го контролираше резултатот во своја корист, и не му дозволи на противникот да се доближи резултатски. На полувремето беше 44-32.
Македонија заигра уште подобро на стартот од второто полувреме, наметнувајќи темпо што гостите не можеа да го следат и експресно поведувајќи со 51-34 со тројката на Андреј Магдевски, а нешто потоа и со плус 20 (54-34) со слободните на Адем Мекиќ.
Остатокот од дуелот мина во рутинско одржување на предноста и убедлива победа изразена со конечните плус девет, откако Луксембург постигна тројка со звукот на сирената.
Андреј Јакимовски беше прв стрелец со 17 поени, надополнети со 7 скокови и 4 асистенции, Хап имаше импресивен дабл-дабл од 15 поени и 14 скокови, а двоцифрен беше уште и Виктор Ефремовски со 13 поени.



