Пред нас е сезоната на респираторни инфекции, меѓу кои спаѓа и ковидот, но Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести во моментов не гледаат причина навреме да го набават лекот „паксловид“ кој во светски рамки се покажа како многу ефикасен во битката со коронавирусот.

Епидемиологот д-р Драган Даниловски за Плусинфо изјави дека во моментов нема зголемување на бројот на регистрирани случаи на ковид кај нас. Спорадично се јавува по некоја настинка без да се знае кој е причинителот, но граѓаните не бараат лекарска помош поради тоа.

Претходно „ерис“, а сега и „пирола“ се новите соеви на ковид-19 кои се појавија во неколку земји во светот, меѓу кои е и Грција, каде што летово има голем број македонски туристи.

– Но, ни претстои сезоната на респираторни зарази и ковидот меѓу нив. Имајќи предвид дека се појавија два нови соеви на корона во светот, мудро е да бидеме подготвени. Но, не веќе поради ризици по општата популација. Короната веќе никогаш не може да претставува глобална закана! Овој пат, да бидеме подготвени за заштита на најризичните поединци. „Паксловидот“ е наменет само за оние (се дава што побрзо, најдоцна пет дена по првите симптоми) со високи ризици да завршат со тешки симптоми или да имаат фатален крај. Тоа се сите со хронични болести и во многу напредната возраст. Лекот би бил спас за нив. Зашто, постоечките вакцини нема да штитат од заразување со новите соеви ако воопшто дојдат кај нас – вели д-р Даниловски.

Тој посочува дека лекот треба да биде благовремено достапен за граѓаните.

– За негова набавка потребна е процедура – значи, треба време. Затоа, со мојот ФБ статус прашав јавно уште сега, летово, воочи ладните месеци: „Паксловид имаме?“ Инаку, лекот е одобрен во Европската Унија уште на 28 јануари 2022 година. Србија го набави десетина дена подоцна – вели епидемиологот.