Македонската ракометна репрезентација доживеа нов убедлив пораз на Светското првенство, бевме немоќни и против Холандија, загубивме со 34-24, шансата за пласман во следната фаза од Мундијалот ќе ја бараме против Аргентина во последното коло. 

По високиот пораз од Норвешка, Холандија требаше да ни биде противник со кој ќе можеме порамноправно да се надигруваме, но тоа не се случи, Холанѓаните беа супериорни во однос на нас и заслужено дојдоа до високата победа.
 
Ниту одбраната, ниту нападот на нашата репрезентација не беа на потребното ниво, правевме грешки, а противниците казнуваа. Имавме само повремени блесоци со кои не може да се совлада противник каков што е Холандија.
 
Рамноправно беше само во првите неколку минути, водевме со 3-2 кога се случи првиот пад, Холандија направи серија од 5-0 и се одлепи на 7-3. Успеавме некако да се вратиме, дојдовме на негатива од два разлика 9-11, кога следуваше нова серија на Холанѓаните, овојпат од 6-1. На полувремето тие имаа водство од 18-11.
 
Во воведните минути од вториот дел успеавме да намалиме на четири гола негатива, но Холандија брзо се консолидираше и не дозволи комплетно да се вратиме во игра. До крајот на мечот го зголемија водството за конечни 34-24.
 
Најдобри стрелци за Македонија беа Кузмановски и Пешевски со по четири гола, Манасков и Костески дадоа по три. Во составот на Холандија Кај Смитс беше незадржлив со десет голови.
 
Последниот натпревар од групата го играме против Аргентина во вторник со почеток од 18 часот. Во директен дуел со Аргентинците ќе биде одлучено дали ние или тие ќе им се приклучат на Норвешка и Холандија во следната фаза.