Македонија ја одбележува 122 годишнината од смртта на Гоце Делчев – еден од најзначајните визионери и револуционери во македонската историја.
Одбележувањето во црквата „Свети Спас“ каде се наоѓа неговото вечно почивалиште, започна со Панихида која ја служеше Поглаварот на Македонската православна црква – ОА г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија.
Потоа беше интонирана и македонската химна.
Цвеќе на неговиот гроб положија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министрите за внатрешни и образование, Панче Тошковски и Весна Јаневск, лидерот на СДСМ Венко Филипче, претставници на собранието и други делегации.
Неговото дело и хуманост се безвременски, рече премиерот Мицкоски а политичарите од актуелната Влада имаат обврска да ја пренесуваат неговата вистина.
-Кога велам да го чува и да го негува, да ја пренесува вистината, онаа вистина каква што вистински се случувала, а не вистината којашто за жал некои се обидуваат да ја искриват и во колективната меморија на македонскиот народ во минатото имаше обид за инжењеринг да таа вистина биде поинаква. За среќа тоа е веќе минато. А наша обврска е вистинската вистина да ја пренесеме на идните македонски генерации за овој голем македонски титан Гоце Делчев,-изјави – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада.
Според лидерот на СДСМ Венко Филипче, пораките на Гоце Делчев денес се поактуелни дури и од времето во кое живеел.
-Ако Гоце Делчев кажал дека сме поделени како нација – ние тоа го сведочиме и денес, повеќе од еден век подоцна. Ако кажал дека треба сето да се разбере како поле за културен натпревар на народите, треба да работиме во таа насока – а не младите да го сфаќаат светот како поле за карта во еден правец. Ако кажал дека Македонија е полето каде што ние треба да делуваме, треба сите заедно да сфатиме дека само заеднички можеме да направиме тоа – да ја унапредуваме и надградуваме Македонија, и со човечки капацитет и со вредности,изјави – Венко Филипче – Претседател на СДСМ.
Исто како и на 4ти февруари кога се одбележува раѓањето на Гоце Делчев, и денеска не присуствуваше ниту еден од високите владини функционери или пратеници од Вреди.
Ниту собранискиот спикер Африм Гаши, ниту вицепремиерот Изет Меџити не одговорија на прашањата на Канал 5 зошто не беа меѓу присутните на одбележувањето. Побаравме став и од Вреди, а оттаму ни одговорија дека имале партиска делегација составена од двајца – заменик министерот за образование Љуљзим Алиу и директорот на трансфузиологија Амир Елези.






