Репрезентацијата на Македонија претрпе пораз на домашен терен од Литванија со 67-82 во третото коло од квалификациите за Евробаскет 2025. Надежите за евентуално чудо исчезнаа експресно, Литванија знаеше како да ја оправда фаворитската улога, а ослабената Македонија без помошта на Димитријевиќ и Шортс (како и Итан Хап, како втора опција за натурализиран кошаркар)… немаше никакви шанси да ги замрси сметките на гостинскиот состав. Избраниците на Јончевски се бореа колку што можеа, одиграа добро второ полувреме, но и квалитетот и искуството вечерва беа на страната на гостите, кои со оваа победа направија голем чекор кон Евробаскет 2025.
Литванците од самиот старт на мечот наметнаа темпо што беше јасно дека нема да можеме да го следиме. Агресивната одбрана ни создаваше многу проблеми, Крстевски ги постигна првите поени за Македонија на истекот на втората минута (2-4), но до половина од четвртината останавме на тие два поени, па селекторот Јончевски мораше да побара тајмаут при негатива од 2-11. Беше променета целата стартна петорка уште во првите седум минути, негативата порасна на 4-18, но по враќањето на капитенот Војдан Стојановски следеа четири негови поени во низа, па првата четвртина заврши со резултат 9-23.
Доминацијата на гостите продолжи и веќе во 12. минута Литванците имаа 9-30. Јончевски побара тајмаут при негатива од 17-40, Кристијан Николов презеде одговорност со одлични пет поени за нецела минута, по што Куртинаитис го зеде првиот тајмаут за гостинскиот тим при 22-40. Николов погоди уште една тројка намалувајќи на „минус 15“ (25-40), одличниот плејмејкер потоа реализираше и две слободни фрлања, но Литванците сепак го завршија полувремето со убедливи 27-44.
Второто полувреме го почнавме одлично, намаливме на 32-45, но следеа две брзи лични грешки на Бојан Крстевски, вкупно четири за единствениот класичен центар во нашиот состав. Маслинко влезе и имаше поени по два офанзивни скока, одбраната почна да функционира се подобро, па со положувањето од контранапад на Мекиќ го натеравме гостинскиот селектор на нов тајмаут (39-50, 25. минута). Таа минута одмор им помогна на Литванците да се вратат во ритам, ги реализираа следните три напади, па при 39-56 Јончевски беше принуден да побара тајмаут за нашата селекција. Ситуацијата не се промени во наша корист, серијата на Литванија продолжи до 11-0 пред да ја прекине Маслинко од линијата за слободни фрлања, а во последните десет минути се влезе со предност на гостинската селекција од 43-64.
Литванција дефинитивно беа подобри на терен, но добија и непотребна помош од судиите, кои со неизрамнет критериум само внесоа нервоза на трибините, но и во нашите редови. Гостите го искористија тоа за да поведат со најубедливи „плус 25“(43-68), но Македонија не се предаде и експресно намали на 49-68 преку Николов и Крстевски. Со храбра игра продолживме до крајот, Николов беше расположен во нападот, а по забивањето по офанзивен кок на Маслинко, Литванците побараа нов тајмаут откако нивната позитива се намали на само 13 поени (59-72). Ѓуроски ја погоди својата втора тројка на мечот намалувајќи на 62-73, но следеа поени во рекетот на Ехонас со кои беше запрена македонската серија. Мечот беше загубен, но Македонија покажа карактер, не се предаде до самиот крај, капитенот Војдан Стојановски постигна тројка, прецизен беше и Ѓуроски, но новата судиска лакдрија само ја крена тензијата кај навивачите при „минус 11“, кога наместо лична грешка во напад, беше досуден прекршок од Николов, а потоа и техничка грешка на нашата клупа за реакцијата. Мечот на крај заврши со триумф на гостите од 67-82, апсолутно заслужен, но нашите кошаркари заслужуваат пофалби за покажаниот карактер и играта буквално до последните секунди.
Кристијан Николов беше најзабележителен во нашиот табор со 18 поени и 6 асистенции, Војдан Стојановски постигна 13 поени, а двоцифрен беше и центарот Бојан Крстевски со 10 поени.
Овие две репрезентации в недела ќе одиграат уште еден натпревар, овојпат на теренот на Литванија во Клаипеда.