Трите ер-трактори се подготвени за гаснење на шумски пожари, но нема кој да ги вози. Откако двајца пилоти се пензионираа, остана само уште еден. Во моментов, оглас за вработување не може да се објави бидејќи се распишани парламентарните избори и во предизборие не смее да се вршат нови вработувања во државните институции.
Едниот Ер-трактор неделава беше дел од меѓународна вежба заедно со новите АТ-802 авиони кои дебитираа во Македонија, а се во сопственост на Турција. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување во разговор за ТВ21 вели дека деновиве на владина седница ќе се разговара за решение на проблемот со недостатокот на пилоти.
„Точно е дека двајца вработени пилоти заминаа во пензија, но не можевме да распишеме оглас за вработување на нови, бидејќи додека ја добивме согласноста од Министерството за финансии се распишаа изборите. Во овој период од годината немаме шумски пожари, па затоа не треба да интервенираат ‘ер тракторите’. Сега пожари имаме бидејќи се палат стрништа, а за нив интервенираат Противпожарните бригади“, вели Беким Максути.
За разлика од минатите сезони, ова лето Ер-тракторите ќе бидат подготвени за гаснење на пожари. Во наредниот период треба да се објави и тендерот за редовно сервисирање на авионите, по што два ќе заминат на сервис, но ќе се вратат пред почетокот на летната сезона на пожари. Третиот авион може да лета до август, по што ќе биде исто испратен на сервис.
Вежбата пак која неделава се реализираше во Македонија е со цел земјите од регионот да функционираат како едно тело и по потреба да се пренасочуваат кон било која земја. Со средствата преку ИПА проектот набавена е и дополнителна најсовремена опрема која за прв пат ќе може да се користи оваа сезона и во нашата држава.