Македонија го запиша и вториот пораз во Лигата на Нации откако вечерва загуби од Словенија со 2-0 во „Стожице“
Македонија со значително изменет состав го започна натпреварот против Словенија во однос на дуелот со Швајцарија во Скопје. Само три дена по поразот од 0-3, селекторот Гоце Седлоски направи дури осум промени во стартниот состав.
Словенците уште на самиот почеток покажаа дека ќе бидат сериозна закана. По само две минути игра ја погодија пречката од голот на Столе Димитриевски. Македонија во продолжението делуваше нешто подобро отколку на мечот со Швајцарија, но и понатаму тешко успеваше да создаде вистинска шанса. Домашната селекција имаше поголем посед на топката, беше поопасна во нападот, но до паузата мрежите мируваа.
На стартот од второто полувреме Словенија продолжи со притисокот, а по десетина минути успеа да го скрши отпорот на Македонија. За водство на домаќините погоди Ловриќ. Претходно Словенците имаа и голема можност по грешката на Аломеровиќ, но не ја искористија.
По примениот гол, Македонија заигра поофанзивно. Во 61. минута на теренот влезе Христијан Малески, за кого ова беше деби во репрезентативниот дрес. Минатата сезона Малески беше најдобар стрелец во ПМФЛ. Заедно со него во игра влезе и Енис Барди, кој го замени Елези.
Во следните 10-15 минути Македонија го одигра можеби најдобриот период на натпреварот. Сепак, нашиот тим не успеа да упати ниту еден удар во рамките на голот на Словенија, а неколку обиди завршија во блокот на домашната одбрана. Словенија го реши прашањето околу победникот во 82. минута. Матко погоди за 2-0 и стави точка на натпреварот.
Најблиску до израмнување беше Малески, кој само две минути по голот на Словенија се обиде да го совлада Јан Облак, но словенечкиот голман одлично интервенираше. Со овој продолжува и црната низа за Македонија која трае веќе шест натпревари во кои сме без гол, односно од доаѓањето на клупата на Седлоски.
Следниот натпревар за Македонија е в сабота на домашен терен против Шкотска која вечерва на свој терен беше поразена убедливо од Швајцарија со 3-0.





