Вашата земја е жртва на двојна уцена. По грчката сега гледаме бугарска уцена, дури и полоша, бидејќи Бугарија се обидува да го поткопа јадрото на македонскиот идентитет. Луѓето во Македонија најдобро знаат дека да се биде земја кандидат за членство во ЕУ стана празна фраза. Во многу земји членки, и покрај неодамнешната промена на реториката, нема интерес за прифаќање нови земји во Унијата, вели Мартенс за „Слободен печат“.

Михаел Мартенс е германски новинар, писател и експерт за прашања од Балканот и бил долгогодишен политички дописник на весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) за балканскиот регион.

– Ова малку личи на прашањето за кокошката и јајцето: Што е прво? Дали реформската политика умре затоа што перспективата за членство во ЕУ веќе не е кредибилна? Или перспективата повеќе не е кредибилна затоа што политиката на реформи е умрена? Едно е сигурно: во многу земји членки на ЕУ, и покрај неодамнешната промена на реториката, нема интерес за прифаќање нови земји во Унијата. Францускиот претседател Макрон тоа го кажа многупати: ЕУ веќе не функционира добро со 27 членки, бидејќи тоа значи 27 можни вета против заедничките одлуки. Макрон прашува: Ако ЕУ со 27 членки има потешкотии да донесува заеднички одлуки, како би можела да функционира ЕУ со 33 или со уште повеќе членки? Макрон вели дека се плаши дека една ЕУ во која Белград, Тирана, Приштина, Скопје, Подгорица и Сараево би можеле да блокираат одлуки со своето вето, постојано би се блокирала за оние прашања за кои е потребна едногласност. Не е ни важно дали го делите овој негов скептицизам или не. Важен е фактот дека ова не е само позицијата на Париз, туку и на некои други главни градови. И тоа може да остане позиција на Париз дури и откако Макрон ќе замине. Исто е и во Берлин, иако владата веројатно би го негирала тоа. Значи, да се вратам на вашето прашање: најлошо од сè е што дури и ако земјите од Западен Балкан беа подготвени да се приклучат утре, ЕУ сепак немаше да биде подготвена, вели тој.