Зимската школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура започна по четврти пат.

Започната како проект за време на пандемијата, кога беа „откриени“ сите можности на онлајн комуникацијата, Зимската школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, вчера, го отвори своето четврто издание. И овој пат Зимската школа по македонски јазик ќе се одвива „на далечина“, преку платформата Зум.

– Во годината на големите јубилеи на великаните: 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, но и во годината кога Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одбележува 75 години од основањето, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја отвори својата четврта зимска школа.

На отворањето на Зимската школа со поздравни зборови се обратија проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ, проф. д-р Александар Скепаровски, проректор за меѓународна соработка на УКИМ, и проф. д-р Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Професорот д-р Димитар Пандев одржа пленарно предавање на темата „Учењето на Свети Климент Охридски од неговото време до денес“.

Пред почетокот на оваа зимска школа, проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, која е една од предавачите, им порача на семинаристите што ќе ги следат предавањата во школата, но и на пошироката општествена и научна јавност во Македонија, дека треба да покажеме дека „сме достојни наследници на светиот влог на нашите предци“.

– Се радуваме на можноста, како професори, да покажеме дека сме достојни наследници на светиот влог на нашите предци, пренесувајќи го своето знаење за македонската книжевност и култура како дел од светското културно наследство. Проучувањето на македонската културна традиција е исклучителна задача, но и предизвик за сите оние што сакаат вистински да спознаат што значи да се пее и да се живее во автентичниот македонски седумосмински такт – вели професорката Искра Тасевска Хаџи-Бошкова.

Како што информираше директорката на МСМЈЛК при УКИМ Кристина Николовска учествуваат 81 семинарист од целиот свет.

-Радува фактот што годинава, со нов концепт и со проактивност, поттикнавме огромен интерес за македонистиката во светот. На Зимската школа ќе учествуваат 81 семинарист од целиот свет, а импресивна е палетета на учесници од 21 земја – НР Кина, САД, Австралија, Германија, Франција, Турција, Полска, Словенија, Чешка Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, НР Кореја, Јапонија, Хрватска, Србија, Руска федерација, Украина, Италија и Тајланд, рече Николовска.


Покрај лекторските вежби, за првпат има и предавања по македонска книжевност и култура од еминентни професори. Со нов концепт годинава е курсот за македонска книжевност и култура кој ќе овозможи поширока палета содржини како што се предавања од средновековна книжевност, народна книжевност, македонскиот 19 век, современа македонска поезија, кулутрологија и популарна култура, рече Николовска.

Таа додаде дека на преведувачката работилница ќе се работат препеви на поезијата на великаните Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски, од коишто потоа ќе се печатат два Зборника поезија со кажувачки. Програмата предвидува и средби со врвни македонски писатели: академик Влада Урошевиќ, Јордан Плевнеш и Венко Андоновски, и со младиот талент Македон Димитровски.