Лијам Пејн се обидувал да избега од својата хотелска соба кога паднал од балконот, а персоналот на хотелот знаел дека тој се заканил дека ќе го користи балконот за да избега, се вели во извештајот, пренесува „Дејли мејл“.
Ѕвездата на „Уан дајрекшн“, кој наводно мразел да биде „затворен“ во хотелските соби, се чини дека бил многу алкохолизиран кога членови на персоналот во хотелот „CasaSur Palermo“ во Буенос Аирес го влечеле низ фоајето, што може да се види на безбедносните вознемирувачки снимки.
Кога вработените во хотелот стигнале до собата на Пејн, поп-пејачот се противел и очигледно не сакал да влезе внатре, покажува видеото.
Неколку моменти подоцна, член на персоналот се јавил во полиција (на 911) и рекол дека се плашеле дека Пејн може да го искористи балконот и да се повреди, што покажува дека од хотелот знаеле дека е можна сериозна несреќа, пишува „ТМЗ“.
„Не знам дали неговиот живот е во опасност. Тој е во соба со балкон и малку се плашиме…“, рекол вработениот, според транскриптот од повикот во полицијата.
Вработените во хотелот на крајот одлучиле да го остават сам 31-годишникот во својата соба, а тој набргу потоа паднал од балконот и починал.
Кога аргентинските власти го откриле неговото тело, Пејн имал торба врзана околу рамото, која ја немал на себе кога го носеле низ лобито, според „ТМЗ“.
Во близина е пронајдена капа што Пејн, исто така, не ја носел претходно, што значи дека сигурно ја ставил внатре во собата.
Според полицискиот извештај до кој стигнал „ТМЗ“, Пејн се чини дека се обидувал да стигне од балконот на третиот кат на балконот на вториот кат, во очигледен обид потоа да скокне на земја од пониско.