Речиси седум месеци по смртта на познатиот пејач Лијам Пејн, познато е кој ќе го наследи неговото богатство. Тој не оставил тестамент, но важни детали се откриени преку судски документи. Имено, пејачот оставил зад себе 28.595.000 фунти, односно 24.280.000 фунти откако биле платени сите негови трошоци и долгови, пренесува „Дејли мејл“.
Според судските документи, Лијам Пејн ја овластил својата поранешна сопруга, пејачката Шерил Кол, со која го доби синот Бир (8), да управува со неговиот имот. Врската со неа го обележала неговиот живот. Покрај Шерил, овластен е и Ричард Бреј, врвен музички адвокат.
Се претпоставува дека имотот ќе биде предаден на фонд наменет за неговиот син, бидејќи според британските правила за наследување, во отсуство на тестамент, имотот се пренесува или на законскиот сопружник или на најблискиот крвен роднина.
Поранешната девојка на Лијам Пејн, Кејти Касиди, веројатно нема да добие ништо од имотот на пејачот, која по неговата смрт беше критикувана дека сака да се збогати од трагедијата. Откако почина поранешниот член на „Уан дајрекшн“, Кејти изјави дека двајцата сакале да се венчаат.
Да потсетиме, Лијам Пејн падна од балконот на третиот кат на хотел во Буенос Аирес на 16 октомври 2024 година. Медицинската причина за смртта беше потврдена како „политраума“, термин што значи дека лицето претрпело повеќекратни повреди.
Пејн беше еден од петте членови на хит бендот „Уан дајрекшн“ заедно со Хари Стајлс, Зејн Малик, Луи Томлинсон и Најл Хоран.
Патем, Пејн се бореше со зависност од дрога и алкохол. Тој беше на рехабилитација во 2023 година, па повторно се сврте кон пороците, што беше очигледно и за време на неговиот престој во Аргентина, каде што патуваше со Касиди, која се врати дома неколку дена пред трагедијата. Тој беше погребан во ноември во Бакингемшир.