Второто коло во групната фаза од Лигата на Европа донесе историски моменти за неколку англиски клубови, но и тешка ноќ за шкотскиот шампион. Додека Борнмут и Сандерленд славеа големи победи кои ќе останат запишани во нивните клупски хроники, Селтик доживеа вистински дебакл на гостувањето кај Бенфика.
Борнмут испиша историја на „Виталити“ против Штурм
Навивачите на Борнмут приредија атмосфера за паметење на нивниот прв домашен европски натпревар во историјата, а фудбалерите им се оддолжија со сигурна победа од 3-0 против австриски Штурм Грац. Со овој триумф, по претходната победа над Реал Сосиедад, „Трешните“ станаа првиот англиски клуб по Болтон во 2005 година кој ги добил своите први два европски натпревари.
Откако Штурм успешно се бранеше во првите половина час и голот на Диаките беше поништен поради игра со рака, отпорот конечно го скрши Еванилсон. Бразилецот со прекрасен удар со глава по нафрлувањето на ветеранот Адам Смит донесе водство од 1-0 непосредно пред полувремето.
Гостите од Австрија тргнаа поизрамнувачки гол во вториот дел и ја погодија стативата, но резервистите на Борнмут ставија точка на мечот. Рајан зголеми на 2-0 на 14 минути пред крајот, додека Алваро Родригез во судиското продолжение од пенал го постави конечниот резултат, заокружувајќи ја бајката за клубот кој пред нецели две децении беше пред згаснување во Лига 2.
Сандерленд по 53 години се врати со триумф во Европа
Сандерленд продолжи со перфектниот старт во Европа по тешката и драматична победа од 1-2 на гостувањето кај португалскиот второлигаш Торенсе. Ова беше прво европско гостување за „Црните мачки“ по пауза од 53 години, но мечот кој требаше да биде рутинска задача се претвори во вистински трилер.
Домаќините, кои местото во Европа го обезбедија преку сензационалното финале во португалскиот Куп, шокантно поведоа со прекрасен погодок на Волнеј Фелтес во првото полувреме. Сандерленд израмни во 67-мата минута преку Жил Ахока, а откако ВАР им поништи пенал во 88-мата минута, херој на Англичаните беше Ноа Садики. Тој со вистински проектил во 93-тата минута го постигна својот дебитантски гол за клубот и донесе огромна радост за тимот на Режис Ле Брис, кој во моментов се мачи во Премиер лигата.
Бенфика го демолираше Селтик за едно полувреме
Додека Англичаните славеа, шкотскиот великан Селтик претрпе нов болен европски шамар, губејќи со убедливи 4-1 на гостувањето кај Бенфика во Лисабон.
Избраниците на Мартин О’Нил беа разбиени уште во првите 45 минути. Поранешниот напаѓач на Астон Вила, Џон Дуран, постигна два гола (првиот од пенал), а Александар Бах додаде уште еден за огромни 3-0 на полувремето. Очајната одбрана на Селтик дозволи дури 26 удари кон нивниот гол, а единствената светла точка беше голот на Камило Дуран во вториот дел со кој Шкотланѓаните само го ублажија поразот.
Во самиот финиш, Вангелис Павлидис стави сол на раната на гостите постигнувајќи го четвртиот гол за Бенфика, оставајќи го Селтик на катастрофалното 34-то место на табелата со два порази од исто толку натпревари.
Кристал Палас доживеа пораз во првиот европски меч на гости
Кристал Палас испиша клупска историја играјќи го својот прв гостински натпревар на европската сцена, но Франција не им донесе среќа на избраниците на Пјер Саж, кој всушност се врати на стадионот каде што беше менаџер минатата сезона. Лион успеа да слави со 3-2 во меч исполнет со многу пресврти во второто полувреме.
Почетокот беше вистински кошмар за англискиот тим. Корентан Толисо ја искористи лошата реакција на одбраната по еден корнер и донесе водство за Лион по само осум минути игра, а Ернест Нуама длабоко во судиското продолжение од првиот дел зголеми на 2-0.
Она што Палас го направи во Премиер лигата против Фулам и Нотингем (кога се враќаше од негатива), се обиде да го повтори и во Европа. По одлична акција од корнер, Јереми Пино во 50-тата минута намали на 2-1 и ги врати надежите. Сепак, Павел Шулц со мајсторски удар со пета брзо ја врати предноста од два гола за Лион. Даичи Камада во финишот постигна гол за 3-2, но гостите немаа сили за целосен камбек, иако во 90-тата минута Крис Ричардс за малку ќе донесеше израмнување по одличниот удар со глава кој голманот Греиф едвај го одбрани.
За Кристал Палас ова е прво искуство во второто по ранг европско натпреварување, откако минатата година ја освоија Конференциската лига.
Бељо со пенал во 96. минута донесе прва радост за Динамо Загреб
Хрватскиот шампион Динамо Загреб едвај извлече победа од 1-0 против белгиски Андерлехт на „Максимир“, во натпревар кој лесно можеше да замине во сосема друга насока доколку гостите ги искористеа своите шанси.
„Модрите“ одиграа катастрофално прво полувреме во кое буквално „висеа“ на теренот. Андерлехт доминираше, а само во една акција во 21-вата минута двапати ја погоди пречката преку Цветковиќ и Реабчук. Голманот Доминик Котарски беше единствената светла точка, спасувајќи чист зицер од еден метар оддалеченост. Динамо имаше само една шанса преку Икер Алмена, кој необјасниво промаши празен гол.
Второто полувреме донесе подобра игра на Динамо, иницирана преку Арбер Хоџа, но вистинската драма се случи во судиското продолжение. Во 93-тата минута, по интервенција на ВАР, судијата досуди пенал за домаќините поради игра со рака на Реабчук. Одговорноста ја презеде Дион Дрена Бељо, кој во 96-тата минута сигурно реализираше од белата точка, носејќи ги првите три бода за избраниците на Марио Ковачевиќ оваа сезона, по ремито без голови против Хапоел Бер Шева во првото коло.





