Фудбалерите на Ливерпул убедливо славеа во дерби дуелот од 34. коло на Премиер лигата против Тотенхем со 5-1 (3-1) и на четири рунди пред крајот математички го обезбедија трофејот. Дваесеттата титула во историјата на клубот доаѓа по пет сезони пауза, а првпат по 35 години навивачите на „Енфилд Роуд“ и по улиците на Ливерпул ќе имаат масивна прослава. Причината е тоа што во 2020 година се играше пред празни трибини.
Резултатот во Ливерпул го отворија гостите, бидејќи Доминик Соланке стрела прв за 0-1 во 12. минута од натпреварот. Сепак, радоста на „петлите“ траеше кратко и четири минути подоцна Луис Диаз израмни на 1-1. До полувремето за домаќинот погодуваа Алексис Мекалистер и Коди Гакпо за двојна предност за „црвените“.
Во вториот дел Постекоглу веднаш менуваше, ама бадијала. Мохамед Салаx во 63. минута стрела за 4-1 и славјето на трибините и по улиците на градот веќе започна. Антологиска фотографија по постигнатиот гол си направи Салах, бидејќи зеде телефон од првите редови на публиката и си направи „селфи“.
Во продолжението Ливерпул стигна и до петти погодок кој беше автогол на Дестини Удоги. До крајот на натпреварот резултатот не се менуваше, ама еуфоријата преовлада и славјето веќе стартуваше. Ливерпул по дваесетти пат е шампион на Англија, само вторпат во овој милениум. На четири кола пред крајот „црвените“ на Арне Слот имаат 15 бода предност во однос на второпласираниот Арсенал.





