Три пати повеќе дрога ова лето во однос на минато запленила полицијата во туристичките центри Струга и Охрид. Што се однесува пак до возраста на лицата кај кои била пронајдена дрога, таа се движела од 20 до 31 година. Биле запленети марихуана, хероин и кокаин.
„Во периодот од 01.07 до 31.08.2023, односно во текот на летната туристичка сезона на подрачјето на СВР Охрид била запленета над еден килограм или три пати поголема количина марихуана и мешавина од марихуана и тутун во споредба со истиот период минатата година. Во наведениот период биле пронајдени и запленети и хероин и кокаин, а биле поднесени и 18 кривични пријави“, велат од СВР Охрид.
Но, експертите велат дека ова е само еден мал дел од дрогата која била присутна на црниот пазар, особено за време на туристичката сезона. Летово бил пронајден и нов вид на дрога на една од забавите кои се организираа во Охрид.
„Се пронајде и нов вид на дрога, односно некоја варијација на кокаин, тоа е розевиот кокаин, кој е многу опасен за младите, кој предизвикува сериозни последици, посебно во периодот на користење. Јавување на халуцинации и слично…“, рече Стефан Буџакоски, професор по безбедност.
За да се спречи трговијата со дрога, вели Буџакоски, освен редовни превентивни и репресивни акции, потребна е и поголема професионализација на безбедносен систем.
„Ние имавме еден период на брзо пензионирање на кадри од безбедноста, кои како искусни заминаа многу брзо, а млади кадри претежно со политичка припадност ги пополнија тие работни места…“, додава Буџакоски.
Ако има зголемена трговија со дрога, безбедносните служби треба да се појачаат и кадровски и технички, апелира Буџакоски. Инаку, летово на многу од забавите во Охрид, полицијата наоѓаше дрога пред и за време на одржување на настаните, многу често и кај помлади лица, пренесува ТВ Алсат.
Летото низ Охрид најдено три пати повеќе дрога од лани
Date: