Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев најави на социјалните мрежи дека партијата ќе поднесе кривична пријава против поранешната членка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска, која во петокот поднесе оставка.
Апасиев тврди дека Ристовска наводно „дала неточни податоци во анкетниот лист со цел да ги прикрие фирмите поврзани со нејзините синови“, оценувајќи дека станува збор за кривично дело според Кривичниот законик.
Според Апасиев, оставката на Ристовска е резултат на серијата објави на Левица за, како што ги нарекува, скандали поврзани со нејзиното работење, наведувајќи дека без тие објави таа и понатаму би останала на функцијата. Тој жали што, како што вели, не дошло до собраниска интерпелација, која била веќе подготвена.



