Според политичката партија Левица, уставните измени се правна рамка за бугаризација на Македонија.
„Антимакедонската власт на СДС и ДУИ заедно со нивните западни партнери продолжува да го множи македонскиот народ со нула туркајќи уставни измени за кои против се изјаснуваат над 80 отсто од Македонците. Со закана дека добри односи со НАТО и ЕУ Македонија може да има само со Бугари во Уставот и со манипулации дека таквите измени се „технички“, а не суштински, се релативизира уште едно национално предавство“, велат од Левицата.
Левицата уште еднаш предупредува на далекусежните правни последици од уставните измени, на кои нашиот источен сосед со иредентистички и асимилаторски намери кон Македонија жестоко инсистира.
„Ова е од причина што со внесувањето на ‘самоосвестените’ македонски Бугари во Уставот на Република Македонија, покрај финансирањето на великобугарската пропаганда со народни пари, Бугарија добива и правна рамка за своите понатамошни уцени и барања за законски измени со кои би се спроведувала бугаризација на Македонија. Македонскиот народ има право да знае дека уставните измени ќе претставуваат правен основ за Бугарија во текот на преговорите за влез во Европската Унија да бара од Македонија: измена во Законот за празниците на Република Македонија, со цел прогласување празник и неработен ден за припадниците на бугарската заедница – 3 март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот договор, со кој територијата на Македонија требало да ѝ припадне на Бугарија; Обезбедување задолжителни пратенички места за припадниците на заедниците, со што бугарски националшовинисти по автоматизам би се стекнале со пратенички имунитет и слобода од собраниска говорница да го негираат македонскиот идентитет и да шират бугарска иредентистичка пропаганда во законодавниот дом на Република Македонија;
Зголемување на квотите за вработување во државните институции за припадниците на заедниците, со што изјавувањето на бугарската етничка припадност би било услов за вработување во државни институции и извршување функции“, додаваат од Левица.
Ваквите намери на Бугарија, според Левицата, ги обелоденија и бугарските европратеници преку амандмани на нацрт-извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, преку кои бараат Европската Унија да ја потврди потребата не само од уставни измени туку и од законски измени за промоција на бугарската заедница во Македонија.
Во следните месеци ќе се тече процедурата за уставни измени. ВМРО-ДПМНЕ смета дека тие нема да поминат во Собрание. СДСМ порачува ВМРО-ДПМНЕ да одлучи дали е за ЕУ или останува со Левица. Македонија мора да направи уставни измени за да продолжи да преговара со ЕУ. Политичари од САД и ЕУ повикаа државата да направи уставни измени.