Ако не се одважи државата и не го одврзе ќесето кое го чува за „црни денови“, тогаш пекарниците ќе бидат принудени да го поскапат лебот заклучно со септември годинава.
Новите високи цени на пченицата на светските берзи, особено по излегувањето на Русија од Договорот за извоз на украинско жито, практично ги притискаат пекарниците да ги променат цените на лебот.
Од пекарската индустрија бараат државата да ги заштити граѓаните од нови поскапувања со тоа што ќе го помогне бизнисот преку субвенции.
Членови на Пекарската занаетчиска комора брифираат дека лебот во септември би можел да поскапе и за 15 проценти. Тоа значи дека белиот леб што сега го купуваме за 35 денари, наскоро ќе се продава за околу 40 денари.
-Не сме ние виновни за поскапувањето, бидејќи зависиме од цените на берзите. А тие, во последно време, воопшто не ни одат во наша полза. Со потегот на Русија да го напушти Договорот за извоз на украинско жито, цените на берзите скокнаа за 10 до 15 проценти. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите, но секој производител ќе може да си одлучи дали да ги покачи цените или ќе ги продава производите по исти цени – велат нашите соговорници.
На оваа тема неодамна разговаравме и со сопственик на познат ланец на пекарници во Скопје, а и тој исто така потврдува дека има најави за ново поскапување на брашното и на пченицата, а со тоа и на готовите производи.
-Се зборува дека ќе се зголеми цената на брашното и дека наскоро ќе мора да увезуваме брашно од други земји, наместо од Украина. Тоа дефинитивно ќе значи повисока цена на лебот и на белите печива. Не би знаеле кога точно би се случило поскапувањето, но ние сме принудени да се прилагодиме и да ги зголемиме цените на производите – изјави сопственикот кој сакаше да остане анонимен.
Од друга страна, од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека иако во однос на претходниот месец има мало намалување на вредноста на потрошувачката кошница во јуни, трошоците за храна и пијалаци се зголемени.
Според најавите, повисоки цени од следниот месец ќе имаат и околу 1.000 производи кои државата ги смета за луксуз. Кои се тие – сè уште не се открива.
Но, министерот за економија Крешник Бектеши вети дека ако има потреба власта со нов пакет мерки ќе им помогне на граѓаните.