Светската музичка ѕвезда Лајонел Ричи ќе настапи на концерт по повод дводневната церемонија на крунисување на новиот британски крал Чарлс Трети (74) на 7 мај во замокот Виндзор, пишува весникот „Сан“.

Американскиот пејач е долгогодишен пријател и обожавател на британскиот крал и е еден од амбасадорите на Принцовиот фонд (The Prince’s Trust), добротворна организација основана во 1976 година.

„Кралот ги почитува сите свои амбасадори и особено ја цени непоколебливата поддршка на Лајонел за Принцовиот фонд“, изјави извор од Бакингемската палата за британскиот таблоид.

Влезниците за концертот ќе се делат по пат на лотарија и 5.000 билети се наменети за граѓаните ширум Велика Британија, додека останатите 5.000 ќе бидат поделени на добротворни организации блиски до кралското семејство, како и на припадниците на војската.

Кралот Чарлс Трети ќе биде крунисан во сабота на 6 мај во Вестминстерската палата, со служба предводена од надбискупот од Кентербери, Џастин Велби.

На истиот ден ќе биде крунисана и кралицата сопруга Камила. Новокрунисаниот монарх потоа ќе се појави на балконот на Бакингемската палата.

„Следниот ден ќе се одржи ‘Концертот за крунисување’ на кој ќе настапат светски музички ѕвезди, а во понеделник, на 8 мај, јавноста ќе биде поканета да се вклучи во добротворната работа во локалните заедници“, соопшти Бакингемската палата.