Информацијата дека Судскиот совет одлучи за вршител на должност претседателка на Апелацискиот суд Скопје да ја избере судијката од овој суд Мери Дика Георгиевска, предизвика бурни реакции во експертската јавност. Се работи за судијката која е кума на Боки 13 и беше сведок во процесот против Бојан Јовановски во случајот „Рекет“ кој заврши со правосилна пресуда. Дика сведочеше во корист на Боки 13.
Во случајот „Рекет“ ѝ се судеше и на поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева.
Дика Георгиевска за време на рочиштата сведочеше дека долги години е пријателка со мајката на Бојан и дека заедно оделе на одмори и патувања, но рече дека немала точни информации од каде му се парите и дека слушала дека биле од проекти.
Во овој случај интересно е и тоа дека сестрата на судијката, Агапи Дика, беше претседателка на Меѓународниот сојуз, организацијата преку која Боки-13 ги спроведуваше своите „проекти“. И Агапи Дика беше сведок во „Рекет“.
Јовановски беше осуден на девет години и за случајот „Рекет“, но и за случајот со неговата невладина „Меѓународен сојуз“.