Триесет и деветгодишен жител на кумановското село Черкези е осомничен дека преку пораки на социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Против него јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово повел постапка за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 5 од Кривичниот законик.
„Осомничениот, во пораки преку социјални мрежи, го навредувал и му се заканувал на Претседателот на Владата на РМ“, велат од ОЈО Куманово.
Обвинителството оценило дека постојат околности поради кои е потребно определување мерка притвор. Како причини ги наведува ризикот од бегство, начинот на извршување на делото, но и фактот дека осомничениот претходно се јавувал како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал.
„Ценејќи ги околностите на извршување на делото, ризикот од бегство, а особено фактот дека осомничениот се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број на прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, велат од ОЈО Куманово.
Оттаму додаваат дека при одлучувањето биле земени предвид и податоците за претходното однесување на осомничениот, за кого велат дека е конфликтна личност склона кон расправии, закани и физички пресметки.
„Притоа, согласно обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува“, велат од ОЈО Куманово.
За кривичното дело „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 5 од Кривичниот законик е предвидена казна затвор од една до пет години кога заканата е упатена јавно или преку информатички систем и се однесува на извршување кривично дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна, под условите предвидени во овој став.





