Лажните дојави за бомби кои со месеци ги ставија во заложништво училиштата, институциите и големите приватни објекти и даде простор на јавноста одблиску да ја види работата на К9 единицата на МВР.

Нивната задача беше да ги проверат објектите, дали навистина некој поставил екплозив. Но, полициските кучиња работат на откривање и на дрога, оружје, пари…

Единицата постои уште од далечната 1947 година. Денес МВР има 20-тина водичи на службени кучиња, позиција која досега беше „резервирана“ за машкиот пол, зашто полицајките не пројавувале интерес да бидат дел од оваа единица.

Кристина Шикова го крши мразот, пренесува Сител ТВ. Оваа службеничка неколку месеци се обучува за да стане првата жена водич на службено куче во Македонија.

Нејзината партнерка, седуммесечната Ада која е од расата белгиски овчар, позната како Малиноа, ќе има задача да открива оружје и минуција. Тениското топче кое за многу домашни кучиња е само предмет за игра, за Ада е буквално целиот живот.

Ова тениско топче е нејзиниот учебник, а во иднина преку него ќе добива команди и задачи и со најголема прецизност ќе открива скриени оружје и муниција.

Кристина и Ада работат 12 часа дневно.

– Правиме вежбовни активности со службените кучиња. Излегуваме надвор од единицата, исто правиме активности вежбовни. Работиме со кучињата, социјализација, фимилизација, послушност, вели Шикова.

Кога Ада пристигнала во единицата, веднаш и била доделена на Кристина. Нејзиниот темперамент е предизвик, но поради љубовта кон животните времето поминато со четириножната партнерка воопшто не го гледа како работа.