Кралот Чарлс Трети (75) ја даде првата јавна изјава откако пред неколку дена му беше дијагностициран вид на рак. Тој ѝ се обрати на јавноста по повод 50-годишнината од независноста на Гренада, пренесува „Сан“.

Кралот им испрати „честитки и топли и убави желби“. Во текот на својот говор рече и дека за Гренада го врзуваат посебни спомени, бидејќи ја посетил пред пет години.

– Можам само да кажам колку ми е жал што не можам лично да бидам со вас за да ја одбележам оваа важна пресвртница – рекол британскиот крал.

Да потсетиме, кралот Чарлс Трети почнал со редовни третмани по дијагнозата. Тој ќе ги одложи јавните ангажмани, а не се знае кога точно ќе им се врати на сите кралски обврски.

Меѓутоа, тој ќе продолжи со неделните средби со премиерот. Остатокот од неговите должности би можеле да ги преземат принцот Вилијам и кралицата Камила. Кралот минатата година изврши дури 516 јавни ангажмани, вклучувајќи 94 патувања.