КОЈ ГО ПРЕДАДЕ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ? „Карчо, изгледа дека сме предадени во Софија“, рекол Гоце пред смртта

Date:

Вчера се навршија 120 години од загинувањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Доминантно мислење на повеќе историчари е дека погибијата на апостолот на македонското револуционерно движење во селото Баница на 4 мај 1903 година е резултат на предавство. Но, до ден денешен, всушност, со сигурност не се знае кој е предавникот.

Провали и предавства во ВМРО пред погибијата

На трагедијата во Баница ѝ претходат настани кои се поврзани со сериозните проблеми во ВМРО во почетокот на 20 век. Тогаш турската власт ги заострува мерките, Врховниот комитет ги зголемува активноста и влијанието, а ТМОРО не била толку цврста за да ги отфрли надворешните влијанија.

Многубројните провали и предавства предизвикувале ненадоместливи загуби. На 31 јануари 1901 година, по големата провала во Солун, бил уапсен целиот Централен комитет на ТМОРО. Веднаш потоа Врховниот македонски комитет (ВМК) се обидел да ја зграби обезглавената организација. Опасностите од таквата состојба најреално, дури и визионерски, ја процениле задграничните претставници Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Натамошната нивна дејност главно е насочена кон спречување на антимакедонските влијанија, со цел да ја сочуваат Внатрешната организација и нејзините основни принципи – борба за автономија како преодна етапа кон независна Македонија.

Во 1901 година врховистот Иван Гарванов станал претседател на ЦК на ТМОРО во Солун. Негова прва акција била смената на Гоце Делчев и на Ѓорче Петров, а за нови задгранични претставници биле одредени Димитар Стефанов и Туше Деливанов, кои наскоро биле заменети со д-р Христо Татарчев и со Христо Матов. Со тоа Внатрешната организација речиси веќе била во рацете на Врховниот комитет. Потоа Ѓорче Петров останал во Софија, а Гоце Делчев заминал во обиколка низ Македонија, таму на теренот, по селските комитети да ја објаснува суштината на Внатрешната организација, но и целите на врховистите.

Со оглед на спротивставените цели на ТМОРО и на ВМК, често доаѓало до вооружени судири меѓу нивните чети. Имало повеќе обиди од страна на Врховниот комитет да се изврши атентат врз Гоце Делчев. Гарванов ги насочувал сите работи за да го забрза решението за дигање востание, не водејќи сметка за неподготвеноста на македонскиот народ внатре, за меѓународната ситуација надвор и не земајќи го предвид мислењето на фактичките столбови на Организацијата: Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Пере Тошев, кои во моментот се наоѓале надвор од Македонија. Даме Груев во тоа време се наоѓал во затвор, па не ја знаел состојбата внатре. На Солунскиот конгрес од 2 до 4 јануари 1903 година сепак е донесено решение за востание.

Гоце Делчев, незадоволен од решението за дигање востание, тргнал во Македонија да го запре ова решение. Меѓутоа, со оглед на тоа дека циркуларното писмо на ЦК веќе бил испратен до месните комитети, согласно со одлуките за партизанската вооружена борба изработени од Ѓорче Петров и Христо Матов, Гоце одлучил да изврши ревизија на сите чети од Серскиот револуционерен округ и во духот на насоките и на планот за акции, да го подготвува населението за долготрајна партизанска борба. По извршената ревизија на четите, Гоце Делчев лично планирал и учествувал во повеќе акции.

Следниот важен настан е неговата средба со Даме Груев на Велигден 1903 година во Солун. Гоце се задржал со Даме два до три дена, при што вложувал силни напори да го убеди дека народот не е подготвен за едно општо стратегиско востание, особено што Серскиот округ бил сосема без оружје. Даме Груев, пак, го разубедувал Гоцета дека Гарванов веќе го испратил циркуларот за дигање востание и дека од Грција наскоро ќе бидат донесени 1.000 пушки. Ѓорче Петров смета дека во Солун Гоцета го наговориле да ги убеди другарите во Серско за востание и тој да го организира.

По разговорите со Даме Груев во Солун, Гоце Делчев испратил наредба до Серскиот комитет на планината Алиботуш да се повикаат сите реонски чети од Серскиот револуционерен округ, како и претставници на околиските комитети на ТМОРО. Сметал дека на еден окружен конгрес требало да се донесе план за учество на Серскиот округ во претстојното востание.

Историчарот д-р Ванче Стојчев смета дека Гоце Делчев во Солун веќе бил откриен, односно предаден од врховистите. Турците знаеле дека во станот каде што разговарале Груев и Делчев ќе пристигнат Гарванов и Думев, кои навистина дошле. Турците, исто така, знаеле дека по разговорите со Груев, Гоце ќе замине за Серско. За тоа време Гоце Делчев бил следен од поранешниот бугарски офицер Тефиков, другар на Гоце од военото училиште во Софија, а во тоа време началник на жандармеријата во Драмско. Таквите информации ги добил Ѓорче Петров во Софија од еден бугарски министер, а тој ги имал од турското комесарство. Меѓутоа, во општата брканица во време на Солунските атентати, Тефиков го загубил Гоцета, по што тој заминал за Серско. Во меѓувреме, до Управата на Серскиот санџак стигнало известување од шпионите дека во серските села Раховица (Орехово), Баница (денес Карие), Горно и Долно Броди, Мортатово, Горно и Долно Фраштани, Метох и Мрамор, врши обиколка една бунтовничка чета.

Турците спремни го чекале Делчев во Баница

По пристигнувањето на Гоце Делчев во селото Баница, турските сили веднаш добиле точни информации за бројот на четниците, за распоредот и сместувањето, па дури и во која куќа се наоѓа Делчев. Во раните зори селото било блокирано. На турските сили им пристигнала помош од редовна војска, а од резервниот баталјон од село Г. Фрштани бил упатен одред од 100 души и еден коњанички одред. Бројната состојба на четите изнесувала 21 четник, а со приклучените селани вкупно имало околу 60 души. Турските сили што ја извршиле блокадата имале 4 одреди, непосредно пред борбата им пристигнале уште 2 одреди коњаница, со што вкупната бројна состојба се зголемила на 300 војници. Жандармеријата директно ги блокирала куќите во кои бил Гоце со најблиската придружба, а војската го блокирала целото село со повеќе појаси на опкружување, како и околината на селото Баница.

Пред разденување кругот почнал да се стеснува. Одеднаш во куќата каде што биле Гоце, Хаџидимов, Гуштанов и други, влегол полјакот на селото Ѓорѓи Иванов и ги известил дека „околу е полно со аскер, од сите страни“. Гоце и сите други веднаш истрчале во дворчето оградено со ѕидче од 1 метар висина, што во моментот служело како засолниште. Во близината на Гоце се нашол војводата Михаил Чаков, кому Гоце му рекол да удрат преку селото и да се дофатат до крајните куќи. Веднаш потоа, Гоце Делчев, Хаџидимов, Гуштанов, Чаков, Таската Серски и други кои биле со нив, по тесната и кривулеста улица се извлекле незабележани во горниот крај на селото. Последната куќа која била залепена со плевна им била од левата страна, а напред една полјана со блага стрмина нагоре, на 20 до 30 чекори пред нив имало ѕидчиња што служеле како ограда на нивите.

Само што Гоце бил предупреден од Чаков да не оди прв, од зад ѕидчето се појавиле аскери со насочени пушки кон четниците. Гоце Делчев ја дигнал пушката и прв стрелал кон Турците. По истрелот застанал да ја наполни пушката, но веднаш залегнал. При вториот обид да се подигне за да стрела, бил погоден и паднал врз пушката. Додека останатите стрелале, Гоце по една минута се подигнал, се потпрел на двете раце и гледал кон другарите кои веќе се доближиле до ѕидчињата и покрај куќата. „Ах другари, ме ранија”. Едвај тоа го проговорил и изгаснал.

Борбата во селото Баница траела точно 30 часа. Почнала на 4 мај во 10 часот, а завршила на 5 мај 1903 година во 16 часот. Покрај Гоце, 11 четници паднале мртви. Селото било запалено. Многу луѓе изгореле. Во селото имало скриено големи количества експлозив и муниција, па сето тоа експлодирало. Не се знае бројот на мртвите под урнатините. Турците имале 5 загинати и 8 ранети. Меѓу турската војска, особено меѓу жандармеријата, имало и Македонци предавници, шпиони, врховисти, како и Бугари. По убиството на Гоце Делчев, од кај турската страна јасно се слушнало: „Утепахме го и това псето“.

Серчани сами ги казнија предавниците, но дали вистинските?

Нешто подоцна серчани ги откриле предавниците, кои сите биле врховисти и биле казнети со ужасна смрт. Во предавството на Гоце Делчев непосредно учествувале, а се сомнева дека и убиството го извршиле, Ѓорѓи Шимов Агов, браќата Ванчо и Спас Запрови, Ванчо Говедаров, Никола Тодоров, Никола Зафиров и Петар Маралиев. Сите тие биле членови и соработници на врховистичките формации.

Во своите кратки спомени, Димо Хаџидимов истакнува: „Гоце Делчев своите последни напори ги насочил во добивање поддршка кај бројните македонски револуционери за да се одложи непромислениот чекор на Организацијата, да не загине како бугарско орудие кое Македонија јавно ја наведувала на национално и политичко погребување, туку да загине како борец за независност, за македонскиот ослободителен идеал, за кој Гоце Делчев апсолутно никогаш немал зборувано како националист македонски, а уште помалку бугарски“.

По загинувањето на Гоце Делчев никој повеќе не можел да го насочува, ниту со таква сила, способност и авторитет да раководи со востанието. Особено било тешко да се спречи влијанието на Врховниот комитет врз Внатрешната организација, пишува д-р Ванче Стојчев.

Тефиков, стариот Гоцев познаник

И други извори тврдат дека вистинската причина за ликвидацијата на Гоце Делчев е тоа што се спротивставил на одлуката за Илинденското востание. Така, бугарскиот историчар д-р Димитар Тулеков, кој интензивно истражувал во бугарските, но и во архивите на соседните земји за убиството на Делчев, вели дека  ако Турците немала прецизни информации дека во селото е Гоце Делчев со својата чета, немало да ангажираат толку војска и немало да прават таков обрач, кој во други прилики не го правеле ни за многу поголеми чети за кои добивале информации од месните шпиони. Тие добро знаеле кого имаат во обрачот и што значи неговата ликвидација за македонското револуционерно движење. Предавството им дошло како премија.

Веднаш штом изгреало сонцето, турските војници го започнуват деталниот претрес на селото. За тоа постои сведоштво на старецот Иван Калин од Баница: „Ја претресуваа секоја куќа од дворот до таванот, барајќи човек чија глава е проценета на 1000 лири и бимбашиски чин од Султанот . Сите мажи нѐ собраа кај камбанаријата, нѐ наредија во долга редица и тогаш пред нас излезе еден турски офицер, кој говореше на наш јазик подобро и почисто од нас…“

Се поставува прашањето, кој е тој Турчин? Тоа е Тефиков, стар познаник на Гоце, со кого заедно учеле во Софиското воено училиште. Зошто токму тој е дојден во Баница? Едноставно, токму за да го идентификува Делчев, доколку биде фатен или убиен. Тој тоа и ќе го направи. Кога војската доаѓа до убиениот војвода, по наредба на Тефиков ги превртуваат убиените, а меѓу нив и трупот на Делчев. Според сведоштвото на очевидци, кои биле донесени за да ги идентификуваат убиените, Тефиков радосно извикал: „Ете, тоа е Делчев!“.

Кој ги добил 1000 златни лири не се знае, но се знае дека Тефиков набрзо бил унапреден. Оттука нема никакви дилема дека тој доаѓа во Баница за Гоце, за да се ликвидира токму тој што го барале. Затоа тој лично го потврдува идентитет на убиениот Делчев. Секако, за тоа однапред имале точни податоци од Солун, а потоа и добри шпиони кои го следеле движењето на Делчев низ селата.

Благодарејќи на сведоци, но и на документи на турската војска кои се објавени и во Македонија, реконструирана е целата операција во Баница. Катерина Демерџиева од Баница подоцна го раскажала сеќавањето за крвавиот настан во нејзиното село. За жал, таа била сведок и на последните минути од животот на Гоце. Имено, кога тој излегол на Бакарево гумно, од другата страна се појавиле неколку турски војници, кои биле скриени зад нискиот камен ѕид на гумното. Според директното сведоштво на Демерџиева, Гоце стрелал прв кон војниците, но пред да залегне еден куршум му ги пронижува градите.

Заедно со Делчев, во последната негова битка, загинуваат и Димитар Гоштанов, Стефан Тодоров, Димитар Паљанков, а Ѓорѓи Савеклијата е ранет. Лекуван, суден а потоа во 1906 година амнестириран од Турците. Според турските документи што ги објави проф. д-р Александар Стојановски, во Баница се водела 30 часовна борба, во која загинале 11 комити и војводи.

Сведоштвата на оние што биле во селото, потврдуваат дека меѓу оние што се спасиле биле Михаил Чаков, Георги Радев, Димо Хаџидимов, Таската Серски, Атанас Савеклијата и други. Иако војводите што биле околу него инсистирале тие да го штитат, а тој да се повлече со неколкумина четници, Делчев одлучил сам да се пробива низ обрачот. Некои тврдат дека тоа бил и некаков негов револт кон она што му се случувало во последните три-четири месеци, откако дознал дека некои луѓе во врвот на Организацијата донеле одлука за востание, без да ги знаат состојбите на теренот.

Предавството на Андреј Хрлев – најистражуваната теорија

Тулеков тврди дека веднаш по убиството на Делчев меѓу народот кружеле информации за предавство на Делчев, но и имиња на предавници кои ја помогнале нарачаната ликвидација да се реализира. Бугарскиот историчар тврди дека предавство има, но голем број од верзиите се противречни или взаемно се исклучуваат.

Меѓу имињата кои најчесто се спомнуваат како директна врска меѓу нарачателот и штабот на Третата армија на Турската армија во Солун е учителот Андреј Хрлев од Баница, кој имал зет Турчин и одлично живеел со него. Од друга страна, Даме Груев, кој последен се видел со Гоце само неколку дена пред да биде убиен, во своите спомени тврди дека Гоце е предаден „во селото Броди од благајникот“. Веројатно се мисли на благајникот на селскиот комитет на Организацијата.

Ако е така, тогаш зошто во Баница се убиени четворица селани како предавници, иако нив никој не ги спомнува во тој контекст? Луѓето на ТМОРО во Серско, веднаш по убиството на Гоце, вршат своја истрага, па во врска со тоа, речиси 16 месеци подоцна го убиваат Ѓорѓи Агов од селото Старчишта, Неврокопско. Обвинението е дека тој бил облечен во турска алишта и ја водел потерата кон Баница. Во декември истата година, во речиси изгореното село Баница, четата на серскиот војвода Георги Радев, кој бил со Делчев во миговите кога бил убиен, казнува со смрт четворица селани: Марин Георгиев е исечен на парчиња токму на местото каде што е убиен Гоце, а Коста Маџаров, Ѓорѓи Орешков и Коста Петров се заклани врз гробот на Гоце. Единствено обвинение за овие четворица луѓе е тоа што не ја исполниле наредбата на Радев да го убијат турскиот стражар во селото пролетта во 1903 година. Потрагата по предавници ја продолжува и војводата Таската Серски, кој ликвидира неколкумина поради сомневања дека се предавници на Делчев.

Од друга страна, старицата Катерина Демерџиева во своите подоцнежни спомени како можен предавник го посочува и некој си Енус Мутафчиев, кој бил убиен дури во 1912 година. Никаде нема податоци што се случило со „благајникот“ што го посочува Даме Груев, но најсимптоматично е исто така дека нема податоци ни за евентуална одлука на ЦК на ТМОРО за конкретна и сеопфатна истрага во врска со убиството на Делчев, какви што се правеле при убиства на други видни дејци на револуционерното движење. Се добива впечаток дека другарите од „врвот“ како многу брзо да го заборавиле апостолот на македонското револуционерно движење.

Што се однесува пак до Андреј Хрлев, Георги Баждаров, подоцнежен задграничен преставник на TМOРО, се согласува дека тој бил предан член на ВМРО, но како селски раководител, пролетта во 1903 година, кога Гоце е убиен, тој „ја губи претходната увереност во успехот на народното дело“. Во таква состојба, разочаран и колеблив, тој бил собран од турската војска при опсадата на селото Горно Броди. Дали Даме Груев мисли на него кога го спомнува „благајникот“ од Броди, не се знае. Но, фактот што го потврдува и турската власт во документите е дека признал многу работи, но меѓу нив нема пишан доказ дека тој навистина го извршил предавството.

Според д-р Тулеков, самиот Андреј Хрлев, триесет години подоцна, публикува спомени со наслов: „Кој го предаде Гоце?“. Во тој текст Хрлев тврди дека турската војска при опколувањето на Баница ја воделе двајца врховисти испратени од Солун?! Кои се тие двајца врховисти никој не знае, но сепак може да има и некаква логика во тоа, зашто токму врховистичката струја е таа која упорно се залага за кревање предвремено востание во Македонија. Сепак, доколку предавството го извршил Андреј Хрлев, тогаш зошто тој не е казнет од TМOРО, туку се казнети некои селани за нешто што нема директна врска со настанот во Баница?

Што вели Георги Думчев Карчо, кој бил со Гоце во Баница?

Благодарејќи на документи од европските дипломати, се откриени и две нови верзии за убиството на Гоце Делчев. Едната е од 12 мај 1903 година на англискиот генерален конзул во Солун, Алфред Билиоти до амбасадорот О’ конор во Цариград:

„На 4 мај 1903 учител во Баница е уапсен близу до Сер поради поседување неколку куршуми за манлихерка. Тој бил затворен, и дал значајни информации кои доведоа до блокирање на Баница и до последниот судир…“

Другиот документ е допис од 13 мај 1903 година на францускиот конзул во Солун, Стег, до министерот на надворешни работи Делкесе. Според тој документ „еден селанец од Горно Броди им кажал на Турците дека во Баница има лица од комитетот (TМOРО). Селото е блокирано и по 20 часа четата е уништена“.

Значи предавство има, а сите канали водат во Солун од каде што е тргната информацијата за движењето на Делчев. Оттука, од Солун и тој тргнал кон Баница.

И новинарот Дарко Јаневски во една статија пишува за мистеријата околу загинувањето на Делчев и тврди дека е „спорно е дури и самото тврдење дека станувало збор за предавство со оглед на тоа што досега не се откриени документи или други докази кои би го потврдиле тоа“.

Јаневски посочува на теоријата дека предавник е Андреј Хрлев од Броди, кого го спомнуваат и Даме Груев, но и Пејо Јаворов, бугарски поет со ерменско потекло, прв биограф на Делчев, близок пријател на војводата. Со Хрлев посебно се има занимавано д-р Христо Андонов Пољански, за на крај да заклучи дека прашањето за предавството на Делчев „и натаму останува под превезот на таинственоста“.

Следната линија на предавството ја загатнува Ѓорче Петров, кој, повикувајќи се на разговор со сестрата на Делчев, Руша, во своите спомени вели дека војводата бил откриен уште во Солун, при средбата со Даме Груев.

Еден од последните трагови во истражувањата за убиството на Делчев е откритието на д-р Михајло Миновски, кој во Софија дошол до еден текст во весникот „Македонско знаме“ од 1934 година во кој е отпечатено сведоштво на учесник во Илинденското востание. Сведокот ги пренесува искажувањата на Георги Думчев Карчо (загинува со Даме Груев во декември 1906 година), кој бил со Гоце во Баница. Според сведоштвото, кога сфатиле дека Баница е опколена, Карчо му предложил на Гоце да откријат послабо бранет пункт низ кој би можеле да се извлечат од опсадата. На тоа, Гоце му одговорил со следните зборови:

„Карчо, ако бевме предадени од овде, ќе најдевме можност да излеземе од опсадата, но изгледа дека сме предадени од Софија. Затоа не можеме да се спасиме“.

Има и теорија дека нема предавство, туку „несреќна коинциденција“

Дарко Јаневски пишува дека пред десетина години еден потомок на славен македонски револуционер од тоа време му раскажувал дека во архивот во Истанбул постои телеграма која јасно посочува на предавство на Делчев, а која била испратена до турските власти од лице чие име се наоѓа – во македонската химна?! „Тука некаде се и шпекулациите кои велат оти уште одамна турски извори им сугерирале на нашите научници дека е подобро и да не ја дознаеме вистината за загинувањето на Делчев“, пишува Јаневски.

Наспроти сите овие теории е и таа која вели дека убиствата на војводата  е резултат на несреќна коинциденција, во која при акциите што ги спроведувале во тој дел на Македонија, турските чети едноставно налетале и на четата на Делчев. Во таа насока се и размислувањата на некои македонски историчари, дека митот за Гоце Делчев е создаден отпосле, а дека за османлиските власти тој бил само еден од многуте бунтовнички водачи со кого, поради прераната смрт, империјата и немала време посебно да се занимава. Ова становиште, меѓутоа, нема објаснување за улогата на Тефиков и сведоштвата при превртувањето на телата на загинатите во Баница дека тој го барал токму телото на Делчев.

„Њујорк Тајмс“ посочува на „грчки шпион“

И уште една теорија заслужува внимание. Под насловот „Смрт на македонскиот војвода“, на 26 мај 1903 година, угледниот американски весник „Њујорк тајмс“ пишува дека „грчки шпион го предал Делчев на Турците“.

„Дописникот на Тајмс од Софија пренесува дека деталните извештаи за смртта на Делчев, познатиот македонски војвода, покажуваат оти тој бил со четата предводена од Војводата и Кирчовски, заедно со поетот Јаворов, кога влегле во селото Баница во близина на Серсз, а за неговото присуство Турците дознале откако го предал грчки шпион.

Голема војска го опколила селото и сите припадници на револуционерната чета биле убиени по долгиот отпор. Жителите на селото, кое Турците го запалиле, исто така биле убиени.
Делчев имаше 32 години. Тој беше даскал и основач на Македонската организација, којашто има разграноци низ целата држава.

Дописникот на Тајмс од Виена, пак, вели дека продолжуваат потрагата и апсењата во вилаетот Адријанополе. Приведени се голем број свештеници и даскали. Во шест села било најдено оружје. Машката популација е во бегство, а земјоделските работи се во прекин“.

Овој текст во „Њујорк тајмс“ го открија членови на македонската дијаспора во САД, кои во архивите на весникот истражувале откако е објавен друг архивски текст од „Њујорк тајмс“ од 31 март 1902 година, насловен „Грците ги предадоа Македонците“. Во него пишува дека година и пол пред Илинденското востание, Грците ги накодошиле Македонците кај турските власти.
Најинтересно е што со овој текст се фрла нова светлина за убиството на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Ѓорче Петров: „Предавство е во прашање, но не се дозна од каде“

Дека станува збор за предавство пишува и најблискиот соборец на Делчев, Ѓорче Петров, во неговата беседа за Гоце Делчев одржана во Софија во 1919, по повод 16-годишнината од неговата смрт, на комеморација што во софискиот Воен клуб ја организира македонската група студенти. За убиството на Делчев, Ѓорче пишува дека „предавство е во прашање, но не се дозна од каде“. Оваа беседа на Ѓорче беше за прв пат објавена во Македонија во 2003 година, по повод 100-годишнината од Илинденското востание.

Мистеријата кој го предаде Гоце останува нерасветлена. Затоа, пак, е појасно кој се откажува од Гоцевото дело денес.

Сподели:

Потпишете се

spot_imgspot_img

Топ вести

Поврзани
Related

Над 270 милиони евра потрошени по кафеани и хотели во Македонија во првите девет месеци од 2024 година

Македонските граѓани лани се опуштиле по кафеани ресторани и...

„Земји туѓи болки наши“ – Нова емотивна песна од Класико Бенд

Класико Бенд, еден од водечките македонски музички состави, го...

Ѕвездата од „Беверли Хилс“ низ солзи му се заблагодари на поранешниот сопруг

Актерката Џени Гарт, ѕвездата на серијата „Беверли Хилс“, го...

О, Боже, зошто се согласив на ова? – Џуд Ло ќе го глуми Путин

Познатиот британски актер Џуд Ло потврди дека ќе го...