Комплетирана е главната фаза во првите групи на Светското ракометно првенство кое се одржува во Полска и Шведска.

Во групата „1“ во дербито кое го судеа Ѓорѓи Начевски и Славе Николов репрезентацијата на Франција триумфираше над Шпанија со 28:26 и го освои првото место на табелата со 10 бодови.

Французите заедно со Шпанците обезбедија пласман во четвртфиналната фаза на Мундијалот, а таму од групата „2“ ќе бидат и селекциите на Шведска и Унгарија.

Унгарците претходно беа убедливи против Зеленортски Острови со 42:30, и им требаше „услуга“ од Шведска да победи над Португалија за да го обезбедат второто место во генералниот пласман.

Тоа и се случи, Швеѓаните предводени од Петерсон (осум голови) и Јохансон (седум) успеаја да ги совлада Португалците со 32:30.

Во четвртфиналето Франција ќе игра со второпласираната, а Шпанија со првопласираната репрезентација од групата „3“. Во таа група моментно по осум бодови имаат Норвешка и Германија кои својот меч ќе го имаат во понеделник.

Шведска во четвртфиналето ќе игра со второпласираната, а Унгарија со првопласираната репрезентација од групата „4“. Во оваа група води Египет со осум бодови, пред Данска која има седум, а Хрватска е трета со пет. На Хрватите им треба чудо за да се најдат на второто место, „коцкестите“ мора да го победат Бахреин, а Данска да загуби од Египет. Најголем проблем за хрватските ракометари е гол-разликата, моментно се на +17, а Данска за 22 гола е подобра, +39. Избраниците на Хрвоје Хорват мора да остварат висока победа против Бахреин, а Данска претрпе тежок пораз од Египќаните.

Главна фаза

Конечна табела, група „1“

  1. Франција 10 бодови
    2. Шпанија 8
    3. Словенија 6
    4. Полска 4
    5. Црна Гора 2
    6. Иран 0

Конечна табела, група „2“

  1. Шведска 10 бодови
    2. Унгарија 6
    3. Исланд 6
    4. Португалија 5
    5. Бразил 3
    6. Зеленортски острови 0