Деновиве Македонија со пригодни државни почести им оддава почит на загинатите и ранетите припадници на безбедносни сили од конфликтот во 2001 година.
Но, и покрај Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства од 2002 година, постојат голем број недоречености, а бранителите посочуваат и на голем број проблеми, како и неможност за остварување на сопствените права и покрај законските решенија.
Универзитетските професори и правните експерти посочуваат дека и покрај законската регулатива, како што се Законот за бранителите од 2002 година или Законот за правата на воени инвалиди од 1996 година, бранителите и воените инвалиди од конфликтот во 2001 година не можат во целост да ги остварат своите права. Според нив, статусот на бранителите не е дефиниран, бидејќи Македонија како држава сѐ уште правно и формално не ги дефинирала статусот и карактерот на конфликтот од 2001 година. Во оваа конотација, Оливер Андонов, универзитетски професор од воената академија „Михајло Апостолски“ во Скопје, вели дека никогаш не го одредивме карактерот на конфликтот што ни се случи во Македонија во 2001 година.
– Во одредувањето на карактерот на судирот треба да се има предвид дека во 2001 година во Македонија не прогласивме воена состојба, а операциите што се водеа беа во рамките на борба против тероризмот, што подоцна со Охридскиот договор се преформулира во борба за човекови права. За евентуалното дефинирање на карактерот на војната од 2001 година треба да придонесе и науката, но институциите да донесат соодветен правен акт – вели Оливер Андонов.
Според зборовите на самите бранители и воени инвалиди во конфликтот од 2001 година, оваа недореченост се одразува во остварувањето на нивните права и покрај одредените законски регулативи. Јордан Трајковски од Здружението на резервни воени обврзници од Прилеп вели дека учесниците од 2001 година се маргинализирани.
– Никој во државава наша не нѐ признава. Немаме никакви права. Тоа е нешто катастрофа, како ние да бевме тие што се бореа против Република Македонија, не тие што ја бранеле нашата држава. Ние служиме како некој предмет за поткусурување – вели Јордан Трајковски.
Во разговорите со бранителите од конфликтот во 2001 година исто така ни беше посочено дека и покрај законската регулатива, тие се оставени сами на себе при остварувањето на стекнатите права. Според нив, со законската регулатива не се опфатени сите, некои се делумно, а некои воопшто не се опфатени. Горан Ристоски, бранител и учесник во воениот конфликт од 2001 година, вели дека обесштетувањата сѐ уште не се дадени. Многу бранители што учествуваа во воениот конфликт имаат признаено инвалидитет, а некои делумен инвалидитет. Ристовски исто така укажува и на апсурдностите со кои се соочуваат бранителите. Имено, пред 20 години одреден број бранители и воени инвалиди добија обесштетување од државата, но по извесен период од истиот суд што им го доделил обесштетувањето било побарано да ги вратат финансиските средства, и тоа со камата, вели бранителот и воен инвалид Горан Ристоски.
Според него, не се почитуваат препораки на доктори специјалисти, а се соочуваат и со проблеми при посебната комисија во Министерството за труд и социјална политика. Според кажувањето на Ристоски, правата на бранителите не им се остварени во целост и покрај законската регулатива.
Имено, според Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили, односно во глава втора, член 7, се вели дека на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства, меѓу другото, им се утврдува и правото во областа на образованието. Во членот 13 од истиот закон се вели дека децата на загинат или починат бранител, како и децата на воен инвалид од прва до седма група воен инвалидитет, имаат предност при запишување во државни средни училишта, како и предност при запишување во високообразовните установи без плаќање партиципација.
Според членот 14, децата на загинатите или на починатите припадници на безбедносните сили, како и децата на воен инвалид имаат право на стипендија за редовно школување во државните средни училишта и право на стипендија за редовно студирање во високообразовни институции, пренесува Нова Македонија.
Колку Македонија се грижи за своите бранители од 2001 година
