Ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ и натаму не излегуваат со имиња за евентуални претседателски кандидати на изборите во 2024 година.
Андреј Петров од СДСМ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ вечерва во „Клик Плус“ не споменаа ниту едно име, и кажаа на кој начин ќе се бираат кандидатите за претседател.
„Премиерската функција е потешка, но претседателската е најважна. Сите луѓе имаат легитимно право да се кандидираат, има право и сегашниот Пендаровски, а низ процедура ќе се одлучува кој ќе биде најдоброто решение. Ќе одлучиме врз бара на досега сработеното, и ќе биде оној за кој ќе се смета дека ќе има најголеми шанси да стане претседател“, вели Петров.
Во ВМРО-ДПМНЕ се шпекулира со неколку имиња, межу кои и со Гордана Силјановска-Давкова, како и со Александар Спасеновски. Димовски кажа дека се прават анализи и по постапка ќе се одлучува.
„Имињата кои се споменуваат се од интелектуалната елита. Сите се звучни, докажани, се прават анализи, и се свикува посебно тело само за претседателски избори и на конвенција со тајно гласање се бира кандидатот. Постапката е демократска. Разликата од ВМРО-ДПМНЕ и од другите партии е тоа што лицето не мора да биде во високите партиски структури. На пример во минатото Иванов беше предлог од 200 интелектуалци, ректори, професори“, изјави Димовски.