Наводите за можно враќање на Никола Груевски во земјава е депласирана тема, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, по посетата на Скопска пивара. Ова тој го одговори во врска со наводите за можно враќање на експремиерот Никола Груевски во земјава, а во контекст на ефектите од контроверзните измени на Кривичниот законик.

Тој одговори и на прашањето дали се точни информациите кои кружат во јавноста дека деновиве имал средба со експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев, а на која бил присутен и генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ.

„Не сум имал средба со поранешниот претседател по состанокот кој го имавме на телото за стратегија во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, каде што членуваат поранешни претседатели, секретари. Ниту, пак, сме имале состанок заедно со генералниот секретар“, рече Ковачевски.

Во врска со враќањето на Груевски, тој оцени дека тоа е депласирана тема, од аспект на тоа што против поранешниот премиер има потерница да се врати во Македонија.

„И тој треба да се врати во Македонија. Меѓутоа треба да се врати за да се соочи со правдата согласно македонските закони и согласно со она коешто е донесено од независните правосудни органи“, кажа премиерот.

Тој негираше дека имал некаква комуникација со правосудните органи.

„Јас немам никаква комуникација со правосудните органи, бидејќи сметам дека тие треба да работат независно. Тоа може да ви каже било кој судија, обвинител, раководител во судските инстанци, освен ако се сретнеме на некој настан каде што нормално ќе се претставите со оглед дека претставувате различни власти во државата“, рече Ковачевски.