Катедрата за македонска книжевност и култура ќе ја унапреди соработката со сродните катедри од факултетите на странските универзитети. Со заедничка цел и заеднички вложувања за афирмација на книжевните вредности и на македскиот збор. Странските македонисти подаваат рака кон своите македонски колеги со идеи и подготвеност за заеднички проекти, гостински предавања и проширување на можностите и за македонските студенти и за студентите што студираат македонистика во странство. Катедрата е отворена за создавање нови перспективи за академска соработка и за развој на македонистиката и на јужнославистиката.

Ова се дел од денешните пораки од „Деновите на македонската литература“ во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, а меѓународниот карактер на манифестацијата го потврди учеството на странски македонисти од четири земји: Србија, Словенија, Грција и Руската Федерација.

Вториот ден од манифестацијата во целост беше посветен на професори по македонска книжевност на странски универзитети, при што инспиративни предавања одржаа проф. д-р Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад и проф. д-р Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Присутните ги поздрави и деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски, а по предавањата следеше и заедничка дискусија на професорите од Катедрата и нивните колеги од странство, модерирана од проф. д-р Искра Тасевска. Преку предавањата и дискусијата се отворија клучни прашања за македонскиот книжевен развој, за рецепцијата на средновековието и на македонскиот XIX век, како и за истражувањето на современата македонска книжевност. Покрај тоа се согледаа и предизвици за натамошни истражувања, унапредувања на наставата и воопшто за нови предизвици и можности во развивањето на меѓународната академска соработка.

Претходно, вчера, во рамките на манифестацијата се случи незаборавна вечер на Филолошкиот факултет. Студентската вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“, насловена според песна од Анте Поповски, еден од великаните на македонската литература чиишто дела беа дел од програмата на вечерта. Студенти од повеќе генерации го обединија својот креативен потенцијал за преку рецитал, драматизација, музички точки и видео-проекции да се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура, со антологиски дела по нивен избор, а ним им се приклучија истуденти од други катедри на Факултетот. Со стихови и на Рацин, Неделковски, Вапцаров, Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Андреевски, Павловски, Урошевиќ, Котески… Со македонска народна и современа музика, но и со фрагмент од драмата „Болен Дојчин“ на Георги Сталев Поповски, еден од доајените на Катедрата. Се интерпретираа стихови од некогашни и сегашни студенти на Катедрата, нова страница од македонската современа книжевност. Големиот амфитеатар на Факултетот беше исполнет со публика од сите генерации и со многу емоции.

– Ентузијазмот и креативноста што кај нашите студенти ги има сега, за ова издание на „Деновите на македонската литература“ се најдобра потврда дека книжевната македонистика има иднина со добри перспективи. Затоа што ќе има кој да ја развива, затоа што ќе има кој да придонесува за нејзината афирмација, истакна раководителот на Катедрата, проф. д-р Трајче Стамески.

Инаку, манифестацијата беше отворена со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска, којашто како што беше истакнато е еден од професорите што имаат големо значење во историјата на Катедрата и Факултетот и во сиот свој работен век беше еден од столбовите на Катедрата.

Денес, во завршницата на манифестацијата, присутните ги поздрави раководителот на Катедрата за македонска книжевност и култура, Стамески, искажувајќи задоволство што годинешното издание на манифестацијата „Денови на македонската литература“ ги поврза генерациите и што беше и во влог во унапредување на меѓународната соработка што е клучна за поширока афирмација на македонските книжевни вредности во рамките на натамошниот развој и на македонската книжевна наука.

Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ја продолжува својата мисија, вложувајќи во перспективите на книжевната македонистика, како клучен столб и на македонската книжевна наука, и како афирматор на македонските книжевни вредности којшто вложува во идните генерации македонисти.