Наградите за првенците на генерација можат да бидат различни, но некои вообичаени облици на признанија вклучуваат некаков документ кој го потврдува таквиот статус и често соодветни подароци како книги, електронски уреди, спортска опрема… Меѓутоа, во Бања Лука тоа не е случај.

Имено, градот Бања Лука на својот првенец на генерација од едно градско основно училиште му доделил подарок пакет кој содржел кисели краставички, промотивен материјал во облик на капа и роковник од телекомуникациска компанија и билети за градскиот базен Аквана (кој е под стечај).

Активистката и новинарка од Бања Лука, Мелани Исовиќ, разговарала со родителите на детето кои само кратко искоментирале: „Кисели краставички на лето, можеле да стават некое УСБ кое барем би било од корист“.

Исовиќ истакнува дека ваквото понижување на успехот на првенецот на генерација е токму показател за одвратноста на образовниот систем и убивање на волјата во детето да продолжи со остварување на одличните резултати во образованието.

За подарокот се огласила и советничката на градоначалникот за култура и социјална политика, Мирна Савиќ-Бањац.

„Еве не знам, мене ме учеа дека на подарокот не му се гледа во заби. Гледам дека некои се потсмеваат на она што го добиле најдобрите ученици по повод успешното завршување на школската година. Сфаќам дека секогаш може и мора повеќе и подобро. Ако постои намера да се нагласи дека е важно да се биде добар ученик, ако првиот чекор беше сите да добијат бесплатни учебници, ако постојано се бара начини да се олесни животот, не знам зошто се исмевате со сезонскиот билет на Аквана? Тоа е градско претпријатие и најлесно е да се награди детето и да се промовира истата Аквана. Се надевам дека во наредните години ќе има сè повеќе можности да им се помогне на учениците, да им се олесни животот и образованието, да ги мотивираме и наградиме, а не да ги учиме дека некои подароци се патетични и смешни“, напишала Мирна на Фејсбук.