Кина ги повика државите кои поседуваат нуклеарно оружје да не го распоредуваат во други земји. Оваа порака ја пренесе кинескиот амбасадор Генг Шуанг на брифинг во Советот за безбедност на ОН.
„Повикуваме на укинување на договорите за заедничка употреба на нуклеарно оружје и се залагаме за откажување од распоредувањето нуклеарно оружје во странство од страна на сите држави со нуклеарно оружје и повлекување на нуклеарното оружје стационирано во странство“, рече Генг Шуанг.
Изјавата на кинескиот амбасадор дојде во позадина на одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да распореди нуклеарно оружје во Белорусија. Минатата недела тој најави изградба на специјални магацини за складирање на тактичко нуклеарно оружје во соседната земја, како и пренамена на 10 авиони на белоруското воздухопловство за ракети „Искандер“.
Европската унија како одговор на оваа одлука и се закани на Русија со нови санкции. „Распоредувањето на руското нуклеарно оружје во Белорусија може да доведе до неодговорна ескалација и да се сфати како закана за европската безбедност. Белорусија сè уште може да го запре, тоа е нејзин избор“, рече шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.
Од почетокот на војната во Украина, Кина стана можеби главниот руски трговски партнер, но не ја поддржува отворено руската агресија во Украина, како и анексијата на украинските територии.
Иако НР Кина зазеде амбивалентна позиција за Украина, Пекинг јасно изјави дека употребата на нуклеарно оружје, па дури и зборувањето за тоа е неприфатливо. Кина во неколку наврати ги критикуваше нуклеарните закани на руското раководство. „Такво потсетување [до Путин] е исклучително корисно. Кина има важна улога во притисокот врз Русија“, рече францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за „Фајненшл тајмс“.