Ни апелот на семејството не помогна да се открие некаква трага или да чуе глас за судбината на 26-годишниот Самоил Костадиновски.

Неговата сопруга и татко му вчера пред објективот на Канал 5 првпат јавно проговорија, но велат дека единаести ден немаат никаков абер за него. Нови информации, за да не се наштети на истрагата, не откриваат ниту од Обвинителството, ниту од МВР. Сопругата на Самоил, Орхидеја, кажа дека имаат сознанија оти возилото со кое бил грабнат, по три дена било пронајдено запалено во Драчево, но очекуваат институциите да им објаснат што точно се случило.

-Не загрижува неажурноста на надлежните да се пронајде мојот сопруг. Меѓудругото колата со која е извршено киднапирањето после три дена е пронајдена запалена во атарот на селото Драчево. Се што беше направено досега не доведе до пронаоѓање на Самоил. Шпекулирање имаше дека имал проблем, но дома ништо не кажал… Молам да ни се помогне да се пронајде, се молиме дека е жив, кој и да го видел, секоја информација ни е добредојдена, изјави Орхидеја Костадиновски.

Досега за случајот единствено е познато дека се приведени и им е одреден притвор на двајца мажи на 30 и 25 години, осомничени за сторено дело „грабнување“. Не е позната нивната улога, ниту пак, дали тие се единствените инволвирани..

Семејството на Самоил тврди дека нивниот близок е мирен човек, се бави со кикбокс и реставрира олд тајмери, како и дека досега немал проблеми со законот.

-Не тврдам ништо ама можеби имал поголема сума на пари со себе, а од други деца слушнавме дека тие што го киднапирале биле зависници, на крек, амфетамини…- изјави Љупчо Костадиновски

Семејството досега не било контактирано ниту за евентуален откуп, но сопругата на Самоил се надева дека тоа ќе се случи, што за неа би било доказ дека тој е жив…