Рочиштето за завршни зборови за „Тендери“, каде што обвинета е Елизабета Канческа-Милевска, не се одржа бидејќи на рочиштето не дојде еден од адвокатите. Пред почетокот судот бил известен од адвокатот Сашко Дуковски дека член на неговото семејство имал итна медицинска интервенција, па ќе отсуствува од расправата. Терминот за наредното рочиште, по кое ќе се однесе пресуда, ќе се утврдува дополнително.
Пет години се суди и нема судска одлука за ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која се гони за местење тендери за изградба на Музејот на ВМРО. Низа одложени рочишта и враќање на случајот одново на судење поради промена на судечкиот совет, се само две од причините поради кои процесот трае половина деценија. Судијата Осман Шабани сега дозволи и супервештачење, чија изработка може да трае со месеци. Супервештачењето, неофицијално, оди во полза на обвинетата.
Според обвинението, пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Се тврди дека ексминистерката наложила да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои не биле опфатени во договорот за јавна набавка и во анексите, со што немало да се чекаат дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка. Канческа претходно договорила преку второобвинетата во Комисијата за јавни набавки, кога ќе се објави огласот, договорот да го добие „Бетон“ од Штип.
СЈО го поведе случајот, а сега Обвинителството за гонење организиран криминал тврди дека тројцата обвинети (ексминистерката и двајца членови на комисијата за јавни набавки) ги злоупотребиле службената положба и овластувањето.