Жените најчесто пријавуваат семејно насилство, додека бројот на мажи кои бараат помош за истото е дратично помал. Ова го потврдуваат од бесплатната, национална, мобилна СОС линија 141 700.

На овој телефонски број се јавиле одреден број мажи кои биле сведоци или самите трпеле насилство.

„Сите мажи што се јавуваат се или сведоци на насилство за сестра или некоја нивна блиска жена или трпат насилство од некој член на семејството ( брат, татко итн.). Процентот на мажи како жртви на семејно насилство извршено од страна на жена, а кои пријавуваат насилство на СОС линијата во рамки на НСРР изнесува под 0,1 отсто. Вкупниот број на повици на СОС линијата до месец ноември изнесува над 500 повици“, велат оттаму.

Случаи на насилство пријавуваат скопјани, но и жители на другите градови во земјава. Нив им се нуди помош и поддршка за надминување на состојбата во која се наоѓаат.

„На СОС линијата ги упатуваме до соодветната институција зависно од потребата на жртвата, а во советувалиштето им нудиме бесплатна психо – социјална и правна помош. Во однос на бројот на пријави, во последните неколку години бележиме зголемување на бројот на жртви. Бидејќи линијата ја опслужува цела територија на Република Северна Македонија, се јавуваат жртви од целата земја“, вели Савка Тодоровска, претседателка на НСРР и координаторка на бесплатната, национална, мобилна СОС линија 141 700.

Во Македонија годинава се случија два фемициди и тоа во Куманово и Кочани. Во август, жртвата беше 40 годишна кумановка, а нејзиниот сопруг ја уби и нејзината мајка по што се самоуби нанесувајќи си повреди и фрлајќи се од зграда. Во септември, маж во Кочани уби 46 годишна жена со 40 убоди од нож. Праксата покажала дека жените пријавуваат, а потоа се откажуваат од кривично гонење. Во првите шест месеци од 2023 година, полицијата регистрирала 540 кривични дела на семејно насилство.