Дел од државните универзитети многу заостануваат во процесот на дигитализација, што резултира со тоа студентите да губат време и нерви за пријавување на семестар на студентски прашања на факултетите, плаќање во банки за било каква услуга од факултетите и чекање со часови за да се подигне документ од студентски прашања. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, треба најмногу да поработат на дигитализацијата во наредниот период.
Форумот за промени во образованието, како дел од иницијативата DigiU, заедно со партнерските организации од Асоцијацијата на младинско зајакнување и Институтот за демократизација и евроатлантски перспективи, периодов направија „Анализа на состојбата со дигитализација на државните универзитети во РМ“. Во овој важен документ се даваат важни препораки за подобрување на е-услугите на државните универзитети, и тоа: нулта папирологија преку воведување на систем за дигитален упис, заверка на семестар и пријави.
Анализата препорачува и воведување на електронски индекс и уништување на хартиениот индекс на сите универзитети, но и ажурирање на дигиталните алатки и платформи (iKnow, i-Learn и е-библиотека) за на студентите да им се овозможат најдобри можни услуги. Меѓу останатите препораки, се препорачува трансформација на студентските служби на факултетите во служби за поддршка на студентите, воведување квалитетен и брз интернет за студентите на факултетите, комбинирана настава и електронска библиотека за пристап до литература.
Исто така, студентите на УКИМ правото за бесплатна здравствена заштита го остваруваат без да мораат да поднесат потврда за редовен студент во Фондот за здравствено осигурување, бидејќи iKnow-системот два пати во годината, по запишувањето на летниот или зимскиот семестар разменува електронски податоци со Фондот.
Од друга страна, ниту една од јавните исправи – уверенија, дипломи, пријави за испити) на УКИМ не се издаваат во дигитален формат, иако од УКИМ велат дека се свесни оти административните и техничките аспекти во моментов на студентите им одземаат најголемо време.
И годинава студентите губат нерви со хартиени индекси и со потврди
Date: