ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „СЛАВЕ КАТИН – ЖИВОТ И ДЕЛА“
Во коавторство со Фиданка Танаскова, во 1996 година, на 122 страници, на македонски јазик, ја подготвивме публикацијата „Поетски иселенички меридијани”,1996,зборник на поезија, во издание на Матицата на иселениците од Македонија, посветена на Македонците раселени ширум светот. Рецензентие на делото се: Јован Павловски и Васко Караџа
Книгата содржи 80 песни посветени на откорнатите од родните прагови, на раселените, на заминатите како печалбари, на тешката мисла и носталгијата овековечени низ поетскиот збор, низ стиховите чувани и носени во душата, како утеха за изгубената мајчинска топлина или за дедовските огништа, за безграничната љубов кон родниот праг, кон полињата и планините, реките и езерата – кон својата сакана Македонија.
„Оваа книга што трпеливо стих по стих ја собираа и обликуваа добрите познавачи на македонското иселеништво Славе Николовски-Катин и Фиданка Танаскова, претставува своевиден зборник на поетското творештво на Македонците во дијаспората, прв труд од ваков вид кој пополнува една голема празнина во истражувањата на македонското иселеништво“, напиша Јован Павловски
.
Промоции и објави:
Делото „Поетски иселенички меридијани“ ја доживеа својата прва промоција веднаш по печатењето. Така, во 1996 година во Матицата на иселениците од Македонија се одржа промоција.
Пред присутните делото го промовираше д-р Димитар Керамтчиев, претседател на Матицата, кој, меѓу другото, рече дека ова е дело во кое имаме најголем број македонски иселеници од Австралика, Канада, САД и Европската Унија кои се занимаваат со пишување поезија и кои се познати во иселеништвото.

На промоцијата што се одржа во Сиднеј во друштвото „Григор Прличев”, пак, Иван Трпоски, поет и автор на десетина книги, ќе истакне:
„Катин и Танаскова се вистински иселенички повесничари, кои при секој нивен престој во некоја иселеничка колонија, со своите пера оставаат вечни белези во македонските весници. Нивните очи се најполни со иселенички ликови, нивните срца се најболни од исленичките доживувања, нивните души се преболни од сознанието дека македонството расте во светот, а се намалува дома, во Македонија
.
Да, таа трагедија ја знаат токму тие! Затоа во нивните бележници има место за сечија воздишка, сечиј морник, сечија солза… Тиe, ги собрале на едно место сите нивни иселенички желби, клетви, соништа, запишани во стихови и објавени во оваа книга“.
Во „Современост” бр. 3 и 4 од 1996 година, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, говорејќи за ова наше дело, вели дека пред нас имаме покомплетен избор на поезија од нашите сонародници во Австралија, Европа, Канада и САД, инспирирана од иселеничкиот копнеж и носталгијата кон Татковината.
Иако нашиот човек се населил во различни средини, во држави многу оддалечени едни од други, нивниот носталгичен сон по „стариот крај’ останува длабоко всаден во нив. Преселбите, непроспиените деноноќија, немирите што ги носеле новите средини, логично, наоѓаат посебен израз кај поетите што ни се претставени во изборот на ова книга.
Притоа, се пренесени стихови од Џим Томев, Илија Башевски, Андреа Бранов, Васка Дренкова, Иванка Петровска, Пандора Петровска, Панде Манојлов, Доне Качаров и други поети.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН





