Соединетите Американски Држави и Израел денеска започнаа воени напади врз Иран, таргетирајќи го неговото раководство. Техеран одговори со контранапади врз американски цели низ Блискиот Исток, а двете страни најавуваат дека ова е само почеток на непријателствата.
Иран најавува уште посилен одговор – командантот на Иранската револуционерна гарда, Ебрахим Џабари, изјави дека наскоро ќе биде употребено досега невидено вооружување, пренесува иранската државна телевизија.
Три извори навеле дека во израелските напади биле убиени иранскиот министер за одбрана Амир Насирзаде и главниот командант на Револуционерната гарда Мохамед Пакпур. Првиот бран удари од операцијата што Пентагон ја нарекол „Епски гнев“ главно бил насочен кон ирански функционери, изјавил извор запознаен со ситуацијата. Во меѓувреме, попладнево е извршен и втор удар, чија цел биле ракетни лансери во Иран. Израел и САД започнаа со нападите два дена откако индиректните преговори со посредство на Оман во Женева не донесоа напредок во врска со иранската нуклеарна програма.



