Иран го демантираше тврдењето на Доналд Трамп дека во понеделник ќе започнат нови преговори за ставање крај на конфликтот, откако американскиот претседател ги откажа нападите врз земјата, кои според неговите зборови, би биле „масовни“, објави Би-Би-Си.
Говорејќи во авионот „Ер форс 1“ вчера, тој изјави дека Иран „знаел за обемот на нападот бидејќи видел како тој се подготвува“, додавајќи:
Разговараме со нив во форма на преговори. Тие започнуваат утре попладне.
Во претходна објава на платформата „Трут соушл“ (Truth Social), Трамп наведе дека Иран и американските сојузници на Блискиот Исток побарале од него да почека, бидејќи веќе биле договорени рамките на еден евентуален договор.
Сепак, денеска, иранското Министерство за надворешни работи демантираше дека земјата преговара со САД, како и дека постојат какви било планови за такво нешто.
Портпаролот Есмаил Багаеи додаде дека Техеран преговара со Оман за постигнување „разбирање околу начинот на кој ќе се обезбеди сигурноста на пловниот пат низ Ормускиот Теснец“.
Претходните разговори меѓу САД и Иран се одвиваа со посредство на трети страни.
Трамп во повеќе наврати тврдеше дека е блиску до договор за ставање крај на војната, но потоа секогаш доаѓаше до обновување на меѓусебните напади.





