Украинскиот олимпиец Владислав Хераскевич кој се натпреварува во скелетон остана без настап на Зимските олимписки игри во Милано, откако одби да ја тргне кацигата со фотографии од украински спортисти загинати во војната со Русија.
Интернационалниот олимписки комитет ја донесе одлуката на помалку од еден час пред тој да излезе на патеката и да се бори за медал. Претходно утрото, претседателката на ИОК, Кирсти Ковентри, се обидела уште еднаш да најде компромис и да го убеди да настапи без спорната кацига, но разговорите не вродиле со плод. Набрзо потоа, на Хераскевич му била одземена акредитацијата и му била изречена дисквалификација.
Украинецот веднаш реагираше на социјалните мрежи.
„Ова е цената на нашето достоинство“, напиша тој, обвинувајќи го ИОК за погрешно толкување на правилата и побара извинување поради, како што наведе, дискриминаторскиот однос кон него.
Хераскевич беше знаменосец на Украина на свеченото отворање на Игрите и важи за еден од симболите на спортскиот отпор на неговата земја, која веќе четири години се соочува со руската агресија.




