-Што те поттикна да започнеш да се занимаваш со сликарство?
Со сликарство започнав да се занимавам сосем случајно и некако многу наивно започна сето тоа. За време на Ковид пандемијата, во момент на паника поради заострувањето на мерките, излегов и си купив акрилни бои и мало парче платно. Чувствата додека сликав беа еднакви на медитација и тоа ме охрабри да купам уште неколку парчиња платно. Така квалитетно го пополнував времето во кое морав да седам дома . Добив огромна поддршка од семејството и од социјалните мрежи и тоа вроди со многу дела кои публиката одлично ги прифати.
-Како го разви твојот талент? Беше ли тешко да се совлада сликарската техника или кога се има талент ништо не е тешко?
За да се развие одредена сликарска техника, не е доволно да имате само бои и платно. Потребно е талент и многу часови поминати во надградување. Свесна за својот темперамент, се одлучив за акрилната техника. Потоа започнав сама да истражувам на You Tube каналот и гледајќи ги видеата на големите сликарски мајстори сфатив дека ме фасцинираат реализмот и фигуративната уметност. Но сето тоа не ми беше доволно, имав потреба од контакт и критика од стручно лице, бидејќи ми стануваше јасно дека кај мене се случува нешто повеќе од хоби. За моја среќа ја запознав Анкица Стевановска (академски сликар и иконописец ) и на свои 42 години запишав часови по уметност во нејзиното атеље. Вака започна едно ново прекрасно поглавје од мојот живот.
-Кои се твоите најчести инспирации?
Најчесто сликам слики кои будат убави емоции, кои носат некаква порака . Најубаво ми е кога на платното ќе насликам љубов од било кој вид . Таквата слика ми дава посебно чувство на смирение и мир со себе си. Сум сликала слики во моменти на тага, бунтовност и солзи кои се многу добри, но не ми го даваат тоа задоволство како кога сликам убава и чиста емоција. Дури и кога сликам портрет од клиентот барам референтната фотографија да зрачи од љубов. Само тогаш уживам во сликањето, само тогаш портретот е успешен . Исто така инспирација наоѓам во се убаво и што е околу нас. Сакам да ги сликам сите убавини на светот.
-Компанијата каде работиш, за тебе организираше и изложба, така што голем број битолчани дознаа за твојот талент и можеа да ги видат твоите слики. Какво искуство беше тоа и колку таквата поддршка е важна?
Во компанијата Кромберг и Шуберт работам 9 години. Оваа компанија секогаш ги поддржува убавите активности на своите вработени кои се одвиваат надвор од работното време. Препознавајќи го мојот талент, на мое огромно задоволство и изненадување ми беше предложено од нивна страна да ми организираат изложба. Искрено влегов “главечки” во сета таа работа бидејќи беше сосема непозната за мене, не знаев што ме очекува и што да очекувам. Но сепак најубавите работи во мојот живот се случуваа кога ништо не сум очекувала, па така беше и овој пат . Посетеноста беше изненадувачки голема, па освен моите битолчани имаше посетители и од Прилеп. Организирањето изложба за мене важен вид на поддршка . Кога имате изложба зад себе , имате валидација на својот труд и се качувате едно скалило погоре на патот до успехот. Затоа во оваа прилика сакам уште еднаш да се заблагодарам на Кромберг и Шуберт за нивната несебична поддршка.
-Како реагираше публиката на твојата прва изложба во Офицерскиот дом во Битола?
Искрено се плашев од тоа како ќе бидам прифатена. Мојата скромност секогаш ме тера на тоа. Секогаш има нешто повеќе што може да се научи , нели ? Но на мое огромно задоволство, секој посетител си наоѓаше свое омилено дело , други доаѓаа да си купат слики итн.
-Црташ и православни икони. Како го доживуваш тој креативен уметнички процес, особено кога делото е веќе готово?
Неодамна започнав курс по иконографија. Низ целиот процес на изработување на икона , започнувајќи од моментот кога ќе го допрете дрвото наменето за икона , грундирањето, цртањето на светецот, боењето , украсувањето и лакирањето имам чувство на смирение, убавина на душата и чувство дека Бог ме води низ целиот процес . Процесот завршува со лакирање и тогаш иконатата блескава со сиот свој сјај , просто станува волшебна . Ако почувствувам потреба да се помолам , знам дека иконата е успешна . Блеснува.
-Дали твои дела отпатувале во странство и каде?
На мое огромно задоволство, една слика отпатува за Сиднеј, Австралија. Требаше да се испорача авионски во приватен багаж. Имав една пријателка која се враќаше за Сиднеј, ја замолив за услуга . Ме праша што треба да пренеси , и одговорив дека ќе патува со “Исус од Назарет”. Се насмевна , и беше јасно дека безбедно ќе лета за Австралија!
-Какви се твоите идни планови?
Моите планови се уште да учам во областа на сликарството, да создавам уште многу убавини . Си посакувам уште една изложба за икони . Со сето ова што го работам сакам да ги мотивирам сите луѓе да си ѕирнат длабоко во сопствената душа, да го најдат својот мир , да се пронајдат себе си како што се пронајдов јас. Да уживаат во бесценетоста на мигот, да уживаат во малите нешта , да го вдишуваат животот , да го допрат недофатливото, да не дозволат животот да прекапи како цвеќе . Сакајте и негувајте ја уметноста, колку повеќе ја сакате , толку сте поблиску до Бога . Бог е љубов , а љубовта е уметност !