-Големата пасија кон фотографијата кај вас оди рака под рака со пасијата кон природата. Од каде ја наследивте љубовта кон фотографијата и природата и што најчесто ве инспирира?
Сашо Ставрев: Љубовта кон фотографијата ја наследив од мојот татко Петар Ставрев добро познат за македонската јавност како новинар и фотограф кој ги има овековечено на фотографија најубавите места во Македонија. На почеток не го послушував, потоа земав негативи без да знае па најпосле започнав да го следам во секој чекор кога ги извршуваше обврските како фоторепортер-новинар. Природата односно планината си дојде самата по себе со оглед на тоа дека живееме во подножјето на една планина која самата по себе плени со својот раскош и убавина. Само човек треба да ја открива постепено затоа секогаш човекот открива нешто ново и неизживеано.
-Меѓу вашите најубави фотографии се тие од Пелистер. Одушевуваат мотивите од т.н.камени реки, од прекрасните пелистерски цветови, пејсажи кои оставаат без збор… Многу често доловувате убавини кои се фотографирани на не толку пристапни места. Колку е тешко да се одговори на ваквиот предизвик?
Сашо Ставрев: Безбедноста за време на планинарењето е секогаш наш приоритет. Само човек треба својата определба сигурно да ја следи, а друштвото со другар е значително. Јас имав среќа што воедно татко ми е и мојот водич низ планината. Останатото е само ставање на убавите чувства во различни папки, слично како и фотографиите, за тоа каде е мојата желба поголема да се движам и да посетувам. Сега имам и свои омилени патеки и места.
-Кога човек ги гледа вашите фотографии ги открива скриените убавини на Македонија. Кои се вашите омилени места за фотографирање?
Сашо Ставрев: Мојата најголема желба е портретот. Во тоа сум најдобар. Кога станува збор за природата, секогаш ме понесува чувството на моментот кога се осеќам опуштен, кога уживам. Тогаш фото апаратот е само алат со кој си го дополнувам тоа чувство.
-На вашите фотографии можат да се забележат и многу македонски цркви, така што практично низ еден фото приказ афирмирате и штитите од заборав еден мошне важен дел од македонското културно богатство. Од тој аспект што би им препорачале на младите генерации, кои храмови би требало да ги посетат во време на нивните прошетки во природа?
Сашо Ставрев: Секој крај, село, планина или област си има свое црквиче или манастирче. Тие со посебна љубопитност ги посетувам додека нивното фотографирање ми претставува големо залагање затоа што ние македонците сме навистина големи верници. Не секој знае за нив па кога објавувам фотографии со посебно внимание ги ставам фотографиите од секое од нив.
-Бидејќи често фотографирате во природа можете ли да ни кажете какви подготовки бара тоа? Се движите низ тешко пристапни терени. Тоа сигурно бара физичка поготвеност и соодветна опрема. Какви се вашите искуства?
Сашо Ставрев: Со секое движење во природата опремата е многу важен фактор за безбедноста на секого. Сум преминал низ потешко проодливи терени, помалку или повеќе ризични. Ми се случило и да се лизнам на камен во рекичка, или да направам избор на погрешна патека заради недоволна означеност и слично. Со самото застанување да фотографирам, фокусот ми е на амбиентот или сцената пред мене. Секогаш треба добро да се отворени очите, а секако и ушите.
-Интересни се вашите фотографии од Преспа и островот Голем град. Кои се вашите препораки?
Сашо Ставрев: Како и што реков си имам омилени места за посета. На островот често сум шетал и истражувал. Секој посетител таму треба да се однесува со најголемо внимание не само заради специфичноста ами и за да остави се како што е, недопрено од природата.
-Освен природата како инспирација, импозантно е вашето портфолио на модна фотографија. Какви се вашите искуства во тој поглед?
Сашо Ставрев: На првите еднодневни екскурзии во второ основно со апарат ги сликав своите соученици. Ми велеа убави сме на твоите слики. Никој не ми покажал студиска фотографија, самиот се научив. Фотографирањето модели ми стана пасија, но како моите години одминуваа тоа ми стана споредна улога. Сеуште сум одличен во тоа, но само ако го сретнам вистинскиот модел, кој како муза би ме вратил во модата.







