Светлана Зуламовска Гроздановска е долги години фризер и шминкер. Но, она што е исто така интересно за неа е што таа има уникатно хоби – изработува ликови од коса. Таа е вистински уметник, а за неа информираше дури и Ројтерс.
-Покрај правењето на фризури и разубавувањето на вашите муштерии, имате и едно уникатно хоби, а тоа е изработката на портрети на познати личности, и тоа од коса. Како се роди оваа идеја?
Светлана Зуламовска Гроздановска: Веќе долги години работам како фризер и шминкер во Кривогаштани, каде и живеам.. Мојата работа е секојдневен предизвик. Да си фризер, значи да си креативец. Љубопитноста во креативноста е нешто што ми ја ,,роди’’ идејата да творам и креирам, не само во она што го работам со моите клиенти, туку и со она што останува од нив кога ќе заминат од нашиот салон, а тоа e истрижената коса која нормално би требало да оди во отпад. Јас од отпадот правам уметност.. Ја сакам уметноста и уживам во мојата работа која исто така е дел од креативната уметност. Само што јас ја надоградив на еден уникатен начин кој ми ја нахрани и душата и ми даде уште поголем мотив во тоа што го работам.
-Инспирација ви се познатите личности. Неодамна на едно од вашите ремек дела изработени од коса осамна и ликот на Тина Тарнер. Како ги избирате ликовите кои ги „цртате“ со коса?
Светлана Зуламовска Гроздановска: Кога почнав да цртам ликови со коса, посакав да бидат тоа јавни личности кои ме инспирираат, а кои исто така народот ги знае, како би можеле да ги препознаат кога ќе ги постирам на социјалните мрежи. Бидеќи ги работам со коса која ја просејувам на подот во салонот, тие портрети неможат долго да останат. Стојат неколку часови, а потоа ги растурам. Со внимание и љубов ги правам, ги сликам, уживам во глетката во живо, во портрет кој е скоро два метри големина, го постирам и тука завршувам со тој проект… Портретот на Тина Тарнер, кралицата на рокенролот, го направив инспирирана од најголемата дива која ја испиша историјата на музиката, лавица жена со силен глас кој допре до сите нас…Со почит и љубов за Тина направив портрет..
-Изработувате ликови на познатите пејачи, спортисти, уметници… Вашите дела изгледаат толку реалистично и живо, што чиниш можат да прозборат. Колку е тежок самиот процес на изработка и колку часови трае истиот за изработка на еден лик?
Светлана Зуламовска Гроздановска: Мојот плакар е полн со уметнички материјал што ми е потребен за изработка на портретите. Тоа се прамени коса која ми ја подаруваат моите клиенти. Тие веќе знаат дека од нивната коса ги изработувам портретите и секогаш ми коментираат, ми викаат, е сега Светле ти оставивме куп коса да имаш за твојата уметност… Три до четири часа ми се потребни за изработка на еден портрет. Тое е време после работниот ден, време кое го користам за да ја нахранам душата исфрлаќи ја сета креативна енергија од мене.
-Кои се вашите омилени портрети?
Светлана Зуламовска Гроздановска: Имам направено многу портрети и со секоја изработка се радувам и исполнувам на посебен начин. Секој лик што го работам силно го почитувам и неможам да кажам дека имам омилен портрет, бидеќи сите ги обожавам. Благодарност добив од многумина од нив.. Многу пати срцето ми заигра од нивната реакција кога ќе го видат сопствениот портрет.. Новак Ѓоковиќ ме објави на неговиот инстаграм профил. Тама Тодевска ми честиташе роденден со видео порака и тоа баш на среде емисија во која бев гостинка токму заради истото. Јас ѝ направив портрет.. Сето тоа го доживеав на еден посебен начин и спонтано.
-Дали за ваквата уметност има интерес во нашето опкружување? Дали некој од вас побарал да го подучувате за да изработува слики од коса?
Светлана Зуламовска Гроздановска: Луѓето се воодушевуваат, а посебно кога ќе дојдат во салонот и имаат прилика да го видат портретот во живо, бидеќи се многу реалистични водушевувањето е уште поголемо.. Не пробале да ми помогнат или да посакаат да цртаат со коса бидеќи сметаат како што велат и самите дека за тоа треба талент и трпение, а најмногу желба за истото.
-Дали ви се случило некој од вас да побара да изработите негов лик од коса?
Светлана Зуламовска Гроздановска: Бараат да им изработам портрети најчесто како роденденско изненадување, љубовно изненадување…
-Изработувате и ликови на познати Македонци од различни епохи, како Тоше Проески, Киро Глигоров, Гоце Делчев.. Преку вашите слики се шири идејата за Македонија ширум светот. Која е вашата мисија од овој аспект?
Светлана Зуламовска Гроздановска: Изработувам портрети на наши македонски ликови, јавни личности, со љубов и желба за нашето, македонското богатство.. Сметам дека тие ликови се траен белег за нас и нашата Македонија. Тоа е и мојата идеја.. со портретите на нашите ликови, а и странските.. да допрам до нас самите.. преку уникатноста што ја правам, преку портретите од коса, да им покажам за нашата мскедонска уникатност.. Тоа и се случи.. Ројтерс ја сними мојата приказна, а таа се распрсна по светот… Во Русија, во емисија за светски таленти, во американските портали, германски, арапски портали, се пишуваше за уникатната уметност од коса на ,,МАКЕДОНКАТА’’.








