Потрагата по 74годишниот Панче Жежовски, фризер од Велес кој бил и кандидат за градоначалник и советник на Велес заврши трагично. Пронајден е мртов во близина на Велес. Бил пријавен за исчезнат на 24 ноември.

Неговиот телефон полицијата го лоцирала неколку дена подоцна во близина на неговото живеалиште на влезот на Велес, а во петокот на 27 ноември, денот кога исчезна и малолетната Вања Ѓорчевска, полицијата соопшти дека нашла изгорено возило марка Цитроен во скопското село Бразда.

Утврдено е дека возилото му припаѓало на Жежовски. Коинциденција е дека истиот ден исчезна и Вања, која според полицијата е убиена истиот ден во 10 часот. Двете тела се пронајдени на различни локации. Телото на Вања е пронајдено во Бразда каде е пронајдено и опожареното возило на Жежовски. Неговото тело е пронајдено во селото Рудник во близина на Пуста кула кога се вози од Велес кон Скопје. Неофицијално, двете тела биле закопани.

На 24 ноември, Жежовски бил пријавен за исчезнат кога неговите роднини ја обиле вратата од домот и греалката била вклучена, иако него го немало два дена. Вратата била заклучена однадвор. Внатре ја нашле ташната без која никаде не одел, а недостасувале личната карта и платежната картичка. Полицијата поседува фотографии од возилото на Жежовски кое било во движење кон Скопје и се гледаат контури на најмалку двајца на возачкото и совозачкото седиште и полицијата ги поврзала со петте приведени лица. Меѓу петте лица кои беа вчера уапсени има некои кои потекнуваат од Велес. Полицијата вчера била присутна во Велес и вршела претреси на возила.