Микро-кредитите станаа ноќна мора и за граѓаните кои никогаш не земале вакви заеми. На пунктовите на овие финансиски друштва во последно време има злоупотреби на туѓи лични карти. Од МВР потврдуваат дека десетици граѓани биле измамени со тоа што морале да плаќаат рати за брзи кредити кои во нивно име ги подигнал некој друг. Пријавите кои се доставени во полиција покажуваат дека со кражба на лични податоци трети лица подигале големи суми пари, а оштетените за тоа добиле известување дури откако дошол редот да ги платат ратите со многу висока камата.
„Во текот на 2022 година се регистрирани 43 случаи на измами со брзи кредити. За овие случаи до ОЈО се поднесени 16 кривични пријави и 24 писмени известувања од каде во истражените предмети пријавени се 24 сторители на кривични дела, додека до оштетените е доставено известување за поднесување приватна тужба против откриениот сторител за измама и фалсификат“, велат од МВР.
Лесниот начин на кој се достапни овие брзи, во многу случаи и само преку онлајн платформи, им дава простор за манипулаторите да дојдат до туѓи лични карти и со нив да подигнат многу пари. Според надлежните, измами најмногу се случуваат на социјалните мрежи каде се злоупотребуваат личните податоци на граѓаните од лични карти, банкарски трансакциски сметки или здравствени легитимации. Колку се популарни овие брзи кредити, каде лани биле повлечени неколку милијарди денари, покажува и извештајот на Народната банка.
„Порастот на каматите за брзите кредити се забележува кај пресметката на средствата во четвртиот квартал од 2022 година, каде што тие бележат квартален пораст од 5,3% и годишен пораст од 23,3%“, велат од НБРМ.
На плоштадите, булеварите и клучните точки во секој град во државава може да се видат рекламни кампањи за т.н. продавници за пари кои ги промовираат своите понуди за давање брзи заеми. Многу често граѓаните кои подигаат пари од нив, не внимаваат што потпишуваат, па подоцна се соочуваат со високи камати и провизии. Има случј кога фирма за брз кредит има наплатено пари дури и за испраќање на писмено предупредување.