Во издание на издавачката куќа „Панили“ од Скопје излезе од печат критичко-есеистичката книга „Сто години Шопова светлина“ од проф. д-р Кристина Николовска, во која авторката го проследува животниот и творечкиот пат на големиот македонски врвен поет, општественик, преведувач духовен подвижник и дипломат, Ацо Шопов.

На страниците од своето најново научно дело, авторката ги согледува и растајнува поетичките и стилистичките доминанти на големиот поет преку неколку метотодолошки постапки.

За посеопфатно да се осознае поетичката суштина, таа длабоко навлегува во „внатрешните“ процеси на поезијата. Всушност, го открива Шопов како бесконечен „рудник“ на научни сознанија од кој преку соодветни процедури има можност да се откијат, дефинираат, опишат и толкуваат длабинските слоеви на оваа повеќеслојна и комплексна поезија.

Кристина Николовска е писателка, теоретичар на литературата, експерт за креативна култура, универзитетски професор.

Добитник е на книжевни признанија, меѓу кои и на наградата за дебитанска книга на Струшките вечери на поезијата во 1988 година и на наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.