И додека политичарите сериозно ги почнаа предизборните активности, бизнисмените се загрижени како ќе ги поминат претстојните месеци, а тоа да не се одрази на нивното работење и вработените непречено да земаат плата. Поранешното искуство покажува дека изборите негативно влијаат на економијата и носат сериозна главоболка за бизнис-заедницата. Тие деновиве предупредуваа дека следниве пет-шест месеци додека трае процесот, поголемиот дел од државните институции ќе бидат нефункционални, што е реална пречка за сите компании.
– Под прашалник се ставени и инвестициите, вработувањата, отворањето нови пазари, а јавноста се дефокусира од реалните економски проблеми – предупредува бизнисот и потенцира дека во моментов имаме техничка влада, која треба да ги организира претстојните избори, претседателските и парламентарните.
Според нив, во следниов период, фокусот на сите ќе биде насочен кон освојувањето гласови, а не кон развојот и поттикот на стопанството, особено кон спречувањето на сивата економија и на корупцијата.
– Македонската економија ја мачи и висока инфлација, сè уште недостигаат капитални инвестиции, во услови кога работната сила заминува на работа во странство. Не може да очекуваме економски бум ниту оваа година, не само поради изборите туку и поради многубројните проблеми, кои се таложат со години – реагираат економистите.
Во вакви услови, поранешниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, е оптимист. Покрај изборите и сите тековни проблеми, очекува раст на македонската економија од три отсто.
– Изминативе седум години, сè што било наша проекција за раст, било реално. Дури и во најголемите кризи, од 2020 година со ковид-кризата, па наваму, сакаме да сме реални. Немаме големи промашувања, затоа сум оптимист дека, независно од трите месеци изборен период, растот годинава ќе биде околу три отсто – вели Битиќи и додава дека се почнати одредени проекти и, независно од изборите, ќе продолжат, бидејќи сите предуслови за нив се исполнети.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, смета дека претстојниот изборен процес е предвиден и ќе помине со најмали штети кај бизнисот. Тој повтори дека за реалниот сектор е многу важно да се одржат изборите во редовните термини, а кампањите да бидат кратки за воопшто да не влијаат врз работата на компаниите.
Азески најави дека бизнис-заедницата ќе продолжи да врши притисок врз институциите за надминување на клучните предизвици: обемните вработувања во администрацијата, непродуктивните трошења и огромните задолжувања без конкретна реализација.
– Има напредок во изминатите 30 години и се надеваме дека овие избори ќе поминат во најдобар ред. Два елемента – ако има инциденти и ако се изборите вонредни – укажуваат на состојба што ќе влијае врз непредвидливоста на капиталот. Не можеме да измериме точно во бројки или во пари колку ќе изнесува загубата поради намалувањето на обемот на активностите на државата, но не очекуваме чудо од државата. Сме се договориле и сами да се снаоѓаме. Оваа ситуација е предвидена и ќе биде со најмали штети. Ќе оставиме простор граѓаните да го кажат своето мислење, ние имаме платформа, ги чекаме политичките партии да поразговараме за економијата во наредниот период и морам да кажам дека досега сме најдобро подготвени – истакна деновиве Азески.
Тој потсети дека изборите обично носат и нови задолжувања, бидејќи парите не се насочени кон решавање на реалните економски проблеми.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци, смета дека техничката влада не е само да создаде услови за фер и демократски избори туку и дека треба да ги врши сите други обврски за нормално функционирање на економијата. Според него, во држави каде што има непартиска и професионална администрација, техничката влада не би можела многу да му наштети на бизнисот.
– Годинава, економски бум немаше да има и да не беше техничката влада. Домашната економија е пред огромни предизвици, кога си заминуваат младите, се губи стручниот кадар, инфлацијата, јавниот долг расте, корупцијата исто, немаме владеење на правото. Дополнително, падот и проблемите на европската економија се рефлектираат и кај нас – смета Димитров.